Со трактор го искршил влезот во казино во Битола

Зависноста од коцкањето добива алармирачки размери, особено кај младите луѓе


Коцкањето носи со себе и инциденти

 

БИТОЛА – „Нова мода“ во Битола. Инцидентите во казина и обложувалници се множат од ден во ден.

Во текот на минатата година според битолската полицијата евидентирани се 7 случаи, а само овој месец има два нови случаи на деструктивно однесување во објекти на казина. Психолозите алармираат на сѐ почесто навлекување на младите битолчани на коцкање.

Социјалните мрежи вријат по најновиот инцидент во Битола, кога маж од селото Олевени со трактор искрши влезна врата во казино во населбата Карпош во Битола. Минатата недела пак, млад маж се обиде за запали казино во строгиот центар на градот, во споредна улица на  Широк Сокак. Најбизарната случка се случи во ноември лани, кога жител исто така на село близу Битола со трактор „парадираше“ на Широк Сокак во раните утрински часови, обидувајќи се да влезе со земјоделската машина во казино спроти хотелот „Епинал“ во срцето на градот.

Четириесет годишниот маж кој пред еден ден ја искрши врата на казиното во населбата Карпош во Битола веќе доби 8 дена притвор, потврдуваат од СВР Битола.

 „Лицето П.К. (40) од Битола ќе одговара за кривично дело ‘предизвикување на општа опасност’. Тој е пренесен од Основениот суд Битола до затворот за извршување мерка притвор“, потврдува Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

За инцидентот со мажот кој со трактор се обиде да влезе во казиното на Широк Сокак, Стаматова вели дека тоа не е кривично дело. Нему му бил издаден прекршочен платен налог за движење по патека која е наменета за пешачка зона.

Битолското обвинителство поведе постапка против мажот од Долно Оризари што потпали казино во Битола на почетокот на овој месец.

„Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против  жител на селото Долно Оризари кој е осомничен за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. По предлог од надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола определи мерка притвор“, информираа од ОЈО.

На социјалните мрежи брујат се дека „општествените вредности се во слободен пад поради негрижа на државата и несоодветни закони“ , дека сега се влегува со „тракторите по казината, наместо по нивните,  а утре кај извршителите и продавниците за брзи кредити“, како и тоа дека државата ги помага земјоделците, а тие наместо во агро-инвестиции „субвенциите ги трошат по казина и за тоа нема отчетност“.

Психологот Марија Младеновска-Димитровска, од Гимназијата „Таки Даскало“ во Битола, укажува на уште погорлив проблем меѓу младата популација во Битола со кои се соочува стручната фела. 

„Има сѐ повеќе млади кои навистина се навлечени на коцка и се почесто одат и во обложувалници и во казина. Дел од нив се малолетни ученици. Во исто време сѐ повеќе се практикува земање на брзи кредити од средношколци кои се полнолетни. Или, има случаи кога не мора да се полнолетни, туку злоупотребуваат личните податоци на родителите. Со лични карти земаат брзи кредити и одат во обложувалници и казина. Целата оваа слика се должи и на застапеноста на казина и обложувалници поблиску од 500 метри до училиштата. Нашата гимназија е во строгиот центар на градот и околу нас има и обложувалници и казина“, констатира психологот Младеновска-Димитровска.

Според неа, бидејќи се работи за зависности за проблемот кај младата популација мора да се бара системско решение.

„Заради одвикнување од зависности имаме млади луѓе кои се во сериозни долгови, токму заради коцкање во казината и  заглавени со брзи кредити и бараат помош. Коцкањето спаѓа во болести на зависност, механизмот на сите зависности е ист, кога некој ќе се навлече многу е тешко да се излезе од тој магичен круг. Генерално механизмот е ист и како кај дрогата и алкохолот, ако не им се даде помош во почетна фаза од зависноста после е тешко, страдаат цели семејства“, предочува Младеновска-Димитровска.