Со вакви „пријатели на проширување на ЕУ“, непријатели не се потребни


Вкупниот финансиски пакет заедно со седумгодишниот буџет е 1,82 билион евра

Проширувањето на Европската унија повеќе не е приоритет. Некои дури жалат што Унијата се прошири толку многу, иако овој процес се смета за еден од најголемите успеси на проектот за европско обединување.

Сепак, сè уште има некои пријатели на проширувањето во ЕУ. Меѓу нив секако се наоѓаат Грција, Бугарија и Словенија. Барем така сакаат да бидат третирани. Едно време, во 2003 година, Грција го организираше Самитот во Солун, на кој на регионот на Западен Балкан му беше загарантирана можноста за интеграција во Унијата. Во 2008 година, кога Словенија претседаваше со Унијата, проширувањето беше исто така меѓу приоритетите. Покрај тоа, таа е иницијатор на специјални иницијативи за поддршка на земјите кои сакаат да влезат во ЕУ. Бугарија, кога стана претседавач на Европската унија, организираше посебен самит ЕУ-Западен Балкан во Софија, повторувајќи го ветувањето за верност кон проширувањето на ЕУ, особено за земјите од Западен Балкан.

Но, трите држави имаат уште нешто заедничко, што ги квалификува за познатата изрека дека „со такви пријатели, непријателите не се ни потребни“. Имено, во овој случај, на проширувањето не му требаат непријатели ако Бугарија, Грција и Словенија се меѓу најголемите непријатели. Секој од нив блокираше соседна земја на пат кон ЕУ во одреден момент поради билатерални спорови, иако остатокот од Унијата постојано повторуваше дека „ваквите билатерални прашања немаат место во процесот на проширување на ЕУ“. Словенија ја блокираше Хрватска поради границата на море и  на копно, како и поради штедачите на Љубљанска банка. Во меѓувреме, Грција ја блокираше Македонија во врска со спорот за името, решен со неодамнешните договори од Преспа.

Грција повеќе не ја блокира Македонија, но ја принуди да го смени името во Северна Македонија. Може да ја блокира таа земја или Албанија и во иднина од некоја друга причина, но засега, Грција веќе не е пречка за проширување. Словенија не ги блокира или не може да ги блокира своите соседи затоа што сите тие се веќе во ЕУ. Но, таа може да го блокира проширувањето на Шенгенот за да спречи влез на Хрватска. Сега, кога се отвори патот за Северна Македонија да ги почне пристапните преговори по повеќе од една деценија чекање, Бугарија го блокира усвојувањето на рамката за преговори без која не може да се отворат преговори. Бугарија сега сака Северна Македонија да го прифати нејзиното толкување за историјата, идентитетот и јазикот.

На ова треба да се додадат „пријателите“ на проширувањето, кои минатата година нè уверија дека „новата методологија ќе го забрза процесот на проширување“. Веќе можеме да видиме како го забрза тоа. Така, процесот на проширување не само што се забавува, туку всушност се урива. Ако Бугарија наскоро се согласи на компромис и го отвори патот за одлука за Северна Македонија, таа само ќе даде зелено светло за почеток на преговори. Другите ќе се погрижат за понатамошно забавување: Франција, Холандија, Данска, па дури и Германија.

Германскиот министер за европски прашања, Михаел Рот, вчера изјави дека неуспехот да се отворат преговори со Северна Македонија и поради одредени услови со Албанија, ќе биде „сериозна политичка грешка што ќе има огромни последици за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и на цела Европа“. Високи дипломати на ЕУ велат дека Германија е „фрустрирана“ од неуспехот да продолжи проширувањето. Сепак, прашање е колку Германија навистина се обиде? Некако е тешко да се замисли бугарскиот премиер Бојко Борисов толку тврдоглаво да ја отфрла Ангела Меркел ако навистина се грижи за одлуката, особено ако таа одлука е важна за безбедноста и стабилноста на цела Европа.

Германија е земјата која е навистина најчувствителна во однос на војната и мирот, стабилноста и нестабилноста. Затоа, таа не е меѓу оние земји што веруваат дека треба да се почека со проширувањето и да се забави процесот. Но, не може ни да биде ставена во групата држави кои се посветени на овој процес. Во Брисел има многу дипломати кои веруваат дека Германија можеше да стори повеќе.

Што поради преокупираност со поважни прашања, како обидот да се постигне договор во последен момент со Велика Британија, или поради спасување на финансиските пакети на ЕУ од 1.800 милијарди исто така во последен момент, прашањата за проширување останаа во втор план, па дури и во трет план. Германија продолжува да го споменува проширувањето затоа што смета дека тоа е процес поврзан со стабилноста на Западен Балкан, а не затоа што навистина сака Унијата да се прошири. Видовме во случајот на Хрватска исто така дека Германија е претпазлива во однос на проширувањето, бидејќи беше последната членка на Унијата што го ратификуваше нејзиниот прием и инсистираше на строг мониторинг на членството на Хрватска во ЕУ.

Но, за разлика од Франција или Холандија, кои непростливо велат „НЕ“ кога се предлага нешто за проширувањето, Германија не го прави тоа. Таа е претпазлива затоа што се плаши дека ова дополнително ќе ја дестабилизира областа каде и онака стабилноста е кревка.

Вистинските противници на проширувањето се во Западна Европа. Тие не ја пуштаат ни Бугарија во Шенген, иако одамна ги исполни сите услови. Можеби Бугарија преку оваа блокада, сака да се наметне како важен фактор во ЕУ и да се пазари како тоа? Во секој случај, тие искрени противници на проширувањето ќе бидат среќни сѐ додека можат да покажат со прст кон другите кои ги кочат одлуките во процесот.  (Јутарњи лист)