Со специјалци се смируваа патниците на аеродромот во Истанбул


Аеродромот во Истанбул полека почна да се враќа во функција откако два дена беше целосно затворен поради снегот што во огромни количества напаѓа во Турција и големата виулица.
 
Изграден да биде најмодерен и најпопуларен во целиот свет,  угледот на аеродромот гордост на Турција доживеа голем удар. По повеќе од 24 часови поминати на аеродромот без храна, без вода, без сместување  или било каква помош од аеродромските власти, патниците вчера органиираа протест на што беше одговорено со испраќање специјалци за да ја смират ситуацијата. Главната протестна парола беше „Сакаме хотел“, а од фотографиите што се објавени од аеродромот се гледа дека патниците буквално спиеле на мермерот по ходниците. 
 
 
Од аеродромот бараа трпение и разбирање за настанатата ситуација, бидејќи толку снег нема паднато во Истанбул 70 години наназад, а сцените беа такви што некои Истанбул го „крстија “ Алјаска. 
 
 
На фотографиите се гледаат долги редици за чекирање бидејќи во еден период функционирале само три шалтери за чекирање, па се чекало со часови. Многу е веројатно дека меѓу патниците имало доста и такви кои патувале во Истанбул или други дестинации во светот или од светот, бидејќи оваа рута е најефтина и најдобра за нашите граѓани, меѓудругото и поради полабавите ковид мерки. 
 
 
„Требаше да тргнеме на 23, нашиот лет е одложен до 27 јануари. Ни кажаа штом ќе го напуштиме аеродромот дека не можеме да се вратиме“, се пожали еден од патниците. 
 
 
Според фотографиите, зградата за товар на аеродромот се урнала од количеството снег натрупано на нејзиниот  покрив, но нема информации за повредени.
 
Аеродромските власти по неколку неостварени најави објавија дека денес по 13 часот летнал првите авиони за Каракас (Венецуела) и ќе продолжат со Хјустон (САД).
 
 
„Натрупаниот снег, која изнесуваше  41 сантиметри на  пистата и сообраќајницата, ја расчистува нашиот тим од  500 луѓе и 180 возила за чистење снег, за да го подготвиме нашиот аеродром за отпочнување со работа со полна брзина“, се правдаа аеродромските власти.