Со сопственост на недвижнина од два милиони евра до грчки пасош


За привлекување инвестиции, грчката влада размислува да донесе закон за доделување грчко државјанство и грчки пасош за странците од трети земји кои ќе купат недвижен имот во Грција во вредност од најмалку два милиони евра, објави грчкиот весник „Катимерини“.

Според истите информации, идејата на владата е физички и правни лица да ја одберат Грција како нивно место на живеење, каде што и ќе се оданочуваат нивните приходи.

-Овој план е во момент кога доста инвеститори кои доаѓаат од земји вон Европската унија, поради Брегзит, бараат нова дестинација за купување недвижнини, пишува весникот и објаснува дека законот би предвидувал и гаранции за да се избегнат измами.

Оваа идеја на грчката влада е независно од веќе постоечката „златна виза“ што предвидува петгодишна дозвола за престој за странските државјани кои се стекнуваат со недвижнина во Грција во вредност од најмалку 250 илјади евра, jави дописничката на МИА од Атина.

„Катимерини“ пишува дека грчката влада, размислува да го следи примерот на Кипар, Малта, Велика Британија, Бугарија и Холандија кои веќе го спроведуваат моделот натурализација на инвеститорите во недвижнини кои доаѓаат од трети земји.