Со швајцарска финансиска поддршка ќе се реконструираат ски-лифтовите на Пониква


Ски-лифтовите во туристичкиот центар Пониква на Осоговските Планини ќе се реконструираат во текот на летниот период со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

За реализација на активностите ќе се обезбедат 85 илјади швајцарски франци преку програмата „Регионални форуми во заедницата“, откако Комисијата за евалуација го избрала концептот за натамошно развивање потенцијалите на планинскиот центар.

– Проектот што е прифатен ќе се финансира од фондот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ со што ќе се реконструираат два ски-лифта со вкупна должина од околу 700 метри. Реализацијата на овој проект ќе придонесе за унапредување на туристичката понуда за посетителите на Пониква и за модернизација на постојната инфраструктура, што ќе ги подобри условите и капацитетите за скијање, истакна Драган Петров од секторот за локален економски развој на Општина Кочани.

Реконструкцијата на ски-лифтовите на Пониква беше предлог од учесниците на регионалните форуми во Источниот плански регион што се одржуваа во Штип во февруари оваа година. На работните средби присуствуваа претставници од граѓанскиот, јавниот и бизнис-секторот од сите 11 општини од Регионот.

Програмата „Регионални форуми во заедницата“ ја реализира Центарот за развој на Источниот плански регион, во соработка со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.