Со што би можел Трамп да се занимава кога ќе излезе од Белата куќа?

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп ќе остане на власт до 20 јануари, кога ќе му ја предаде функцијата на неговиот наследник и ќе се приклучи на ексклузивниот клуб на поранешните американски претседатели. Што е следно за овој политички и деловен магнат?

Постојат профитабилни предавања, пишување мемоари, планирање на претседателската библиотека, но Трамп никогаш не бил традиционален политичар.

Ова не мора да биде крај на политичките амбиции на Трамп – тој секогаш може да го следи патот на Гровер Кливленд и повторно (2024) да се кандидира за втор мандат.

Трамп ретко се повлекуваше од судските битки – и има неколку на повидок што може да му одземат време кога ќе ја напушти функцијата.

Некои истраги против Организацијата Трамп веќе започнаа, од кои едната е во сојузната држава Њујорк.

Окружниот обвинител за Менхетен почна истрага за Организацијата Трамп, првично поврзана со обвинувања дека две жени кои тврделе дека имале врска со Трамп биле платени за да молчат, иако неодамнешните поднесоци до судот сугерираат дека истрагата е проширена.

Трамп упорно ја отфрла оваа истрага, нарекувајќи ја „лов на вештерки“ и не е јасно дали обвинителот има некакви докази за поднесување кривично обвинение.

Претседателот исто така се соочува со обвиненија за клевета во врска со два случаи за наводен сексуален напад кои одвоено беа поднесени од две жени. Трамп ги отфрли обвиненијата.

Мери Трамп, внука на претседателот, исто така поднесе тужба обвинувајќи го него и двајца членови на семејството за измама и заговор.

Пред да стане политичар, Трамп беше магнат за недвижнини, телевизиска ѕвезда во реално шоу и амбасадор на сопствен бренд, користејќи го своето име за профитабилни договори за издавање лиценци.

Можеби едвај ќе чека да продолжи таму каде што застана пред четири години и да се врати во деловниот свет.

Њујорк Тајмс пишуваше дека Трамп има повеќе од 400 милиони долари заеми што стигнуваат за наплата во следните неколку години – иако тој изјави дека ова претставува само „мал процент“ од неговата нето вредност.

Организацијата Трамп има многу хотели и терени за голф.

Постојат имоти со име „Трамп“ во Мумбај, Истанбул и на Филипините – и, се разбира, Вашингтон – како и терени за голф во САД, Велика Британија, Дубаи и Индонезија.

На Трамп телевизијата не му е непозната, по профитабилниот настап во реалното шоу „Приправник“.

Затоа, постојат многу шпекулации дека неговата амбиција е да почне да се занимава со информативни медиуми, или со отворање на свој канал или со соработка со некоја веќе воспоставена конзервативна мрежа.

Претседателите често потпишуваат договор за книга – Барак и Мишел Обама, на пример, потпишаа рекорден заеднички договор, наводно, за 65 милиони долари – иако таа сума е ретка, Џорџ В. Буш, наводно, добил 10 милиони долари аванс за своите мемоари.

Барак и Мишел Обама исто така потпишаа продукциски договор со Нетфликс вреден неколку милиони долари, а и двајцата Клинтон имаат договори за подкасти.

Трамп ќе добива претседателска пензија и уште многу други поволности кога ќе ја напушти функцијата.

Законот за поранешни претседатели, кој стапи во сила во 1958 година со цел зачувување на достоинството на функцијата, предвидува разни бенефиции, вклучително и годишна пензија која во 2007 година изнесувала 207.800 американски долари.

Поранешните претседатели исто така имаат право на доживотна заштита од Тајната служба, здравствено осигурување, патни трошоци и персонал.

Значи, Трамп, на 74-годишна возраст, може да одлучи мирно да се повлече. (Би-Би-Си)