Со сензорната соба во ООУ „11 Октомври“ се зголемуваат инклузивните практики во Куманово


Аудитивни, визуелни и тактилни реквизити се дел од опремата во сензорната соба на ООУ „11 Октомври“ во Куманово, во која од денес, стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор ќе може да работат на индивидуални третмани со учениците со образовни потешкотии.

„Сензорната соба и инклузивните игралишта вистински го подобруваат квалитетот за образование и воспитание на учениците со попреченост во општинските училишта, а истовремено ги подобруваат инклузивните капацитети и практики во Куманово. Со партнерствата кои ги градиме, се надевам дека ќе бидеме пример за социјална и образовна вклученост на децата во образовниот систем“ – вели раководителката на одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР,  Донка Петровска.

Компанијата Алфи Би ја поддржа реализацијата на сензорната соба, активност на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ која е финансиран од Европската Унија, а има за цел да ги подобри можностите за образование на децата со попреченост.

„Среќни сме што Алфи БИ“ како општествено одговорна компанија со помош на Фондацијата „Чекор по чекор“, заеднички успеа да ја опреми оваа сензорна соба, и да го изградиме претходното инклузивно игралиште во две различни основни училишта во Куманово. Благодарни сме на оваа заедничка соработка и верувам дека со тоа во јавноста испраќаме важната порака, дека позитивните промени се можни кога сме вклучени сите во нивна реализација и на тој начин придонесовме кон создавање на позитивни промени и вредности, не само за децата со посебни потреби, туку и за заедницата во целост“ – рече Филип Серафимовски, директор на Алфи Би.