Со работна група ќе се бара решение за проблемите на судската администрација


Фото: Б. Грданоски

Владата на Република Северна Македонија на денешната 189-та седница ја усвои Информацијата од Министерството за правда за изнаоѓање решение околу актуелните барања и посочени состојби од страна на судската, јавно обвинителската служба и вработените во органите на државната управа.

– Владата одлучи во рок од седум дена да биде формирана работна група составена од министерот за правда, министерот за финансии, министерот за информатичко општество и администрација и заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и претставници од Синдикатот на УПОЗ, заради изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавно обвинителската служба и вработените во органите на државната управа, соопштија од владината прес-служба.

Владината одлука следува откако од страна на Министерството за правда е информирано дека на разговори со Синдикатот на УПОЗ е изразена определба од двете страни да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предмети во судовите и јавните обвинителства.

Со денешниот владин заклучок, се наведува во соопштението, практично е овозможено непречено функционирање на правосудниот систем, во текот на разговорите меѓу работната група и Синдикатот на УПОЗ.