Со повеќе од 5 милиони денари ќе се уредува крајбрежјето на Дојран


Министерството за локална самоуправа преку програмата за рамномерен регионален развој ја финансира реализацијата на проектот „Хортикултурно и партнерно уредување на езерското крајбрежје и формирање на плажа на овој дел од брегот на Дојранското езеро“ со 4.243.000 денари, а општината го кофинансира со 400.000 денари.

„Секоја година преку програмата за рамномерен регионален развој Министерството за локална самоуправа финансира проект за подобрување на условите за развој на туризмот во Дојран. Годинава, Центарот за развој врз основа на утврдените приоритети го предложи овој проект, а министерството за локална самоупава покрај овој проект во Дојран, финансира уште 13 други проекти за развој на Југоисточниот плански регион, за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, во вкупен износ од 44,4 милиони денари. Дојран имплементира проект со општината Кукуш, кој што е финансиран од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција за заштита на еко системот во пограничниот регион, во вкупна вредност од 1.4 милиони евра“, појасни Горан Милевски, министерот за локална сапоуправа.

Според него, Дојран ќе продолжи да се развива со финансиска поддршка на проектите за развој на планскиот регион, но и со средства од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, што исто така ја координира Министерството за локална самоуправа.

„Со средства од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, во Дојран се реализира проект за заштита и природното и културното наследство и пристапот до него. Проектот се спроведува во соработка со бугарската општина Невестино, а е во вредност од 0,5 милиони евра“, рече Милевски.

Тој вели дека со градоначалникот на Дојран взаемно се договарале за плановите на општината за идниот локален развој, за поголемо вложување во инфраструктурата, во уредување на плажите, затоа што Дојран располага со голем капацитет на легла, особено во приватното сместување за кои што е потребна и соодветна инфраструктурна опременост.

„Дојран е значајна туристичка дестинација во нашата земја, поради Дојранското езеро, но и поради граничниот премин со соседна Грција. Покрај домашните туристи, во Дојран престојуваат и гости од Грција, особено во деновите на викенд. Традиционално, жителите од Југоисточниот плански регион се ориентирани кон Дојран, а со манифестацијата Д-фестивал, Дојран стана атрактивна дестинација и за сите млади луѓе од земјата. Сето ова говори дека потенцијалите на Дојран и на Дојранското езеро се значајни за поттикнување на развојот во овој регион и треба да се вложува во нив“, вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.