Со помош на УНОПС ќе се менуваат грејните системи во неколку здравствени установи


Фото: Б. Грданоски

Менување на системите за загревање на здравствените објекти во Скопје и во Тетово, со еколошки кои користат природен гас, ќе почне по потпишувањето на меморандум за разбирање со Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги (УНОПС) и Министерството за здравство.

Министерот за здравство, Арбен Таравари потпиша меморандум за разбирање со претставничката на Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги (УНОПС), Микела Телатин со кој ќе се спроведат мерки за намалување на аерозагадувањето.

– Соработката е во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“ финансиран од делегацијата на ЕУ со кој се опфатени следните здравствени установи: Поликлиника Бит пазар, Поликлиника Ченто, Драчево, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, психијатриска болница Скопје, Специјална болница за геријатрија „13 Ноември“, Клиничка болница Тетово, Здравствен дом Тетово, Центар за јавно здравје Тетово. Со проектот се предвидуваат целосна замена на системот на греење со еколошки систем на природен гас – појасни таравари при потпишувањето на меморандумот.

Исто така, Министерството за здравство придонесува кон проектот со изградба на резервоари за компримиран природен гас при што е предвидена замена на котли и реконструкција на внатрешната мрежа за греење во објектите.

Вредноста на делот финансиран од Министерството за здравство е 76 милиони денари, а предвидено е активностите да завршат до јули 2025 година.

Повеќето здравствени објекти се греат на нафта или мазут. 

Проектот ЕУ за чист воздух е финансиран од Европската Унија со 10 милиони евра и има за цел да придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, Куманово, Битола и Тетово.  Покрај транзицијата на изворите за греење во јавните згради кон почисти извори на енергија, проектот предвидува и набавка на шест еколошки CNG автобуси за Град Скопје, воспоставување урбани зелени појаси со 6.000 дрвја во четирите градови, изработка на физибилити студија за проширување на системот за централно греење во Скопје и надградба на мониторинг станици за квалитетот на воздухот со нова опрема за мерење на загадувачи, кои досега не се зафатени во земјава.