Со помош на Русија и Кина САД протуркаа во Советот за безбедност неутрална резолуција за Украина


 

Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот усвои резолуција подготвена од САД по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина, која зазема неутрална позиција во однос на конфликтот додека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да посредува за мир.

Досега 15-члениот совет не беше во можност да преземе ништо за конфликтот во Украина бидејќи Русија има право на вето. Резолуцијата на САД доби 10 гласа „за“, додека Франција, Велика Британија, Данска, Грција и Словенија беа воздржани. Во теорија, Британија и Франција имаат право на вето на резолуциите на Советот за безбедност, но тие не го користат ова право од 1989 година.

„Оваа резолуција нè става на патот кон мирот. Тоа е прв чекор, но клучен, со кој сите треба да се гордееме“, рече на советот вршителот на должноста амбасадор на САД во ОН, Дороти Шеј. „Сега мора да го искористиме за да изградиме мирна иднина за Украина, Русија и меѓународната заедница“.

Документот одобрен од Советот за безбедност, насловен „Патот до мирот“, не ја нарекува Москва агресор и не повикува на повлекување на руските сили од Украина. Содржи само повик за брз крај на војната.

По гласањето, францускиот постојан претставник Николас де Ривиер рече: „Никаде нема да има мир и безбедност доколку агресијата се наградува и ако преовлада законот на џунглата“.

Кремљ денеска ја поздрави, според него, поизбалансираната позиција на САД во однос на Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва ја гледа резолуцијата како доказ за вистинската желба на Вашингтон да се обиде да најде мирно решение.

„Гледаме дека САД заземаат многу поизбалансирана позиција, што навистина им помага на напорите насочени кон решавање на конфликтот во Украина“, изјави Песков за новинарите. „Ние секако го поздравуваме ова. Веруваме дека таквата избалансирана позиција зборува за вистинската желба да се придонесе за решение“.

Песков додаде дека Европа сè уште нема усвоено балансирана позиција, но нејзината позиција може да се промени.