Со помош на „Алкалоид“ и Комерцијална банка, Токсикологија добива нов ургентен центар


Фото: Б. Грданоски

Договор за нов ургентен интернистички центар на Токсикологија беше потпишан денеска во Министерството за здравство, од страна на министерот Фатмир Меџити и претставници на компанииите ,,Алкалоид” и „Комерцијална банка”.

Министерот рече оти со ова, се исполнува уште едно ветување.

– Денеска, со поддршка од општественo одговорнитe компании ,,Алкалоид” и ,,Комерцијална банка”, потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација, рече Меџити.

Целта на овој тријажен центар, како што појасни, е да претставува прв контакт со пациентите, каде што е предвидено да се пружа итна здравствена заштита.

– Тука, пациентите од нивниот прием би престојувале 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 метри квадратни. Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рентген, ЕХО апарат, ендоскопија, нагласи министерот.

Тој се заблагодари на компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти.