По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер


Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се извршува таков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје, откако првиот пат успешно се реализираше на 11 Април.

Според информацијата од Центарот за управување со кризи, на 18 Април преку Единствениот број за итни случаи 112, до официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигнало барање за воздухопловен транспорт од Унгарија до Македонија на болно лице, македонски државјанин, којшто во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во болница во Унгарија, во градот Сегед.

„По создавањето услови за безбеден транспорт, тој е реализиран денеска од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство. Инаку, лицето било на службен пат во Унгарија каде доживеало мозочен удар, по што било сместено и оперирано на Универзитетската клиника во Сегед, од каде е транспортиран и е сместен на Универзитетската клиника во Скопје“, се вели во информацијата од ЦУК.

Полициските хеликоптери, посочуваат од таму, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари, сега и за медицински транспорт.

„Припадниците на Хеликоптерската единица на МВР имаат голема професионалност, храброст, а и вештина при гаснењето на пожарите на отворено, а тоа го покажуваат и во ситуациите за безбеден воздухопловен транспорт на болни граѓани на големи растојанија“, велат од ЦУК.