Со поддршка на ЕУ, Струмица ќе стане „вело смарт град“


Струмица станува паметен вело град. Со поддршка на Европската Унија општината интензивно гради велосипедски патеки кои опфаќаат три булевари, дел од градскиот парк и десетина улици. 

Пет километри од планираните 11 веќе се изградени и ставени во функција. Градоначалникот Костадин Костадинов вели дека со овој проект освен што се овозможува  ефективно решение за проблемите на урбаната мобилност, се поттикнува и употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на превоз.

Целиот проект чини 750.000 евра, средства кои Струмица ги доби како грант од Европската Унија преку програмата „ЕУ за општините“. На повикот кој беше објавен од страна на канцеларијата на ЕУ можност за аплицирање имале сите општини во државата, но биле избрани само осум меѓу кои и Струмица. 

За добивање на грантот требало да бидат исполнети неколку услови и индикатори меѓу кои и одржливоста на самиот проект.

Велосипедистите кои веќе ги користат патеките ја поздравија реализацијата на проектот. Велат сега имаат многу поголема безбедност и поедноставен начин за возење. Но, сметаат дека она што ќе биде неопходно во иднина се кампањи за подигање на свеста кај сите учесници во сообраќајот.

Проектот „Strumica – Smart velo city” е предвидено да трае до 2025 година, а опфаќа неколку фази. Освен изградбата на велосипедски патеки планирана е набавка и на 150 смарт велосипеди наменети за користење од страна на граѓаните.