Со парите од фондот за корона вирус следната недела ќе се набави медицинска опрема


Кревети за интензивна нега, респиратори, аспиратори, перфузори, инфузиомати, мобилен рендген, ехо апарати… е опремата која веќе од наредната недела ќе ја набавува Министерството за здравство со средствата собрани од донациската сметка за справување со коронавирусот Ковид-19.

За ова денеска информираше министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција на која истакна дека во  моментов се собрани близу 90 милиони денари.

-Ние направивме една детална анализа што е потребно да се набави од опрема на инфективните одделенија тука во Скопје, на Клиниката, во болницата „8 Септември“ и на сите други инфективни одделенија во болниците каде што се лекуваат овие пациенти. Веќе е спремна документацијата за тоа што ни треба и веќе во овие денови коишто се пред нас јас верувам дека до крајот на неделата, таа постапка во која што ќе се користат овие средства и средства од буџетот на Министерството за здравство ќе се користат да се набави токму ваква опрема, истакна Филипче.

Министерот информираше дека во меѓувреме веќе се користи донирана медицинска опрема, како што се маски и друга заштитна опрема, односно се што се користи во јавно здравствените установи за третирање на пациентите заболени од Ковид-19.