Со пари од Министерството за култура ќе блесне и ресторанот „Парк“ во Битола


Обнова на стари, руинирани домови на културата, изградба на нови, уредување и доуредување на клутурни објекти, реновирање на ресторанот „Парк“ во Битола покрај офицерскиот дом, бина во Крушево и друго ќе се реализира со поддршка на министерството за култура, кое за 11 општини одвои 50 милиони денари за поддршка.

Денеска, во просториите на владата министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска потпиша договори со градоначалниците на Битола, Крушево, Кривогаштани, Велес, Чашка, Дојран, Демир Капија, Богданци, Маврово и Ростуше, Делчево и Чучер Сандево.

Во продолжение прошитајте што сѐ ќе биде изградено или обновено во овие општини:

Дојран

– По 30 години ќе реконструираме еден стар објект во село Фурка, а сега ќе биде Младински културен центар, каде ќе се даде акцент на младите за творење. Ќе се уреди и партерно и холтикултурно – појасни градоначалникот Анго Ангов.

Кривогаштани
Со парите кои Општина Кривогаштани ги добива од министерството ќе направи ограда и партерно уредување на музејот и библиотека. Објектот лани беше пренаменет од старо училиште и сега стана музеј и библиотека. Ќе се набават шкафови, сталажи за лектири и книги. Во сите простории ќе се постават греење и ладење. Дворот кој е земјена површина, ќе се огради и ќе се наредат бекатон плочки, како и тревници, а ќе има и малечка бина за разни манифестации, појасни градоначалникот Николче Мискоски.

Битола

Поддршката, Општина Битола планира да ја вложи во Култуно информативниот центар, чиј дел е и Офицерскиот дом, а во непосредна близина е руинираниот ресторан „Парк“ кој е лоша слика за битолчани и за посетителите. За него општината одвојува 650.000 евра, а од министерството добива дополнителни 147.000 евра. Новата градба ќе отвори нови предизвици, смета градоначалникот Тони Коњаноски.

 

Демир Капија

Општина Демир Капија добива околу 3 милиони денари за реконструкција на музејот каде ќе се создаде простор за креација, а според градоначалникот Лазар Петров, на тој начин се чува традицијата во ова мало градче.

Маврово и Ростуше

Маврово и Ростуше, втора година добива поддршка од Министерството за култура, а парите беа наменети за проект во селото Тресонче, каде старото училиште кое се реконструираше со средства од министерството, сега ќе се опреми со мебел и потребни реквизити. Со ова се одржува наследството од Дичо Зограф, смета градоначалникот Медат Куртовски.

Делчево
Општина Делчево планира со парите добиени од Министерството за култура да го реконструира целосно спомен-домот АСНОМ кој е централен објект во градот. „Делчево лани за прв пат доби пари, реализиравме реконструкција на спомен-домот АСНОМ, а со овие пари ќе продолжиме со опремување на тој дом. Замена на надворешната столарија и термоизолациона фасада за енергетска ефикасност, со што ќе се намалат трошоците за електрична енергија“, рече градоначалникот Горан Трајковски.

Чашка
Општина Чашка за прв пат ќе добие дом на културата. Со 9,5 милиони денари кои ги доби Чашка за изградба на Дом на културата, во центарот на населбата, објектот ќе може да се доведе до карабина. Инаку, објектот ќе биде на површина од 1.100 метри квадратни на два ката, со мултифункционална сала, мала сала, библиотека, простории за невладин сектор, појасни градоначалникот Горан Стојановски

Крушево
Бина за одржување на сите манифестации кои се одржуваат во Крушево, ќе биде изградена со парите кои министерството му ги додели на овој град. „Од 2023 година Крушево го доби епитетот град на култура, одржавме 50-тина настани, со огромна посетеност“, рече
градоначалникот Томе Христоски, кој смета дека бината ќе им помогне во реализација на сите настани особено големиот – 10 дена Крушевска република.

Чучер – Сандево

Проект Партизански дом со 11 милиони денари ќе започне општината Чучер Сандево.
„Во 1959 година е изграден Културен дом во нашата општина. Последните 15 години таа сала од културниот дом не постои. Локалните жители помогнаа тоа место да го исчистат. За проектот се потребни 55 милиони денари, а ние го поделивме на три фази, додека помошта од министерството е добродојдена. Со овие пари ќе се изгради таа сала од 623 м2, па културните менифеестации нема да ги организираме надвор, да нѐ врне, па да ги прекинуваме. Ќе имаме сала, хол, билетара…“, рече Сашко Комнениќ.

Велес

Во Општина Велес ќе се постават фотонапонски панели на библиотеката „Гоце Делчев“. 

Богданци

Општина Богданци ќе добие летна сцена.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која денеска ги потпиша договорите со градоначалниците чии општини добија средства за оваа намена, посочи дека Владата и Министерството за култура испраќаат јасна порака оти се препознаени потребите на локалната култура и вреднуваат креативни напори за нејзин понатамошен развој.

– Годинава за оваа намена го зголемивме буџетот за 10 милиони денари и нашата намера е секоја година оваа ставка континуирано да се зголемува. Даваме конкретна финансиска помош со која заеднички придонесуваме кон квалитетот на локалниот развој и имплементацијата на културните политики подеднакво во цела држава. Комисијата одлучи преку оваа програма за 2024 година со 50 милиони денари да бидат поддржани инфраструктурни проекти во 11 општини, рече Костадиновска Стојчевска.