Со панел-дискусии почнува одбележувањето на 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор
Под покровителство на Министерството за односи меѓу заедниците и министерот Агон Ферати денеска и утре со низа активности и панел-дискусии ќе почне одбележувањето на 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Од Министерството за односи меѓу заедниците информираат дека денеска во Клубот на пратеници ќе се одржат неколку панел-дискусии, а утре ќе се одржи главниот настан во 19:30 часот на Камениот мост – Скопје.
На панел-дискусијата на темата „Охридскиот рамковен договор и патот кон европската интеграција“ ќе говорат Кларис Пасзтори, дипломатка на ОБСЕ со долгогодишно искуство на Западен Балкан, Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово, Костадин Костадинов, поранешен градоначалник на Општина Струмица, Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања и Азиз Положани, поранешен дипломат и универзитетски професор.
Посочуваат дека панелот составен од учесници со различни искуства и перспективи од областа на политиката, дипломатијата, институциите и академската заедница, ќе создаде простор за отворен, конструктивен и пријателски дијалог за значењето на Охридскиот рамковен договор. Во фокусот на дискусијата, како што наведуваат, ќе бидат спроведувањето и наследството на Договорот, соживотот и инклузијата на заедниците, меѓуетничкиот дијалог, современите предизвици и европската перспектива на земјава.
-Инклузивниот состав на панелот, со учесници кои носат различни перспективи, има за цел да поттикне отворена и суштинска дебата за постигнувањата во изминатите 25 години, но и за чекорите што треба да следат во иднина. Дијалог за минатото, дискусија за сегашноста и визија за иднината – посочуваат од Министерството за односи меѓу заедниците.

На втората панел-дискусија на тема „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“, панелисти ќе бидат Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Агoн Ферати, министер за односи меѓу заедниците, Илир Кула, експерт за регионални прашања и дипломатија, Изет Меџити, градоначалник на Општина Чаир и Аделина Марку, дипломат и колумнист.
Фокусот на вториот панел е на значењето на Договорот за стабилноста, меѓуетничкиот соживот и демократскиот развој на земјата. Дискусијата, како што посочуваат, ќе понуди различни политички, институционални и дипломатски перспективи.
-На вториот панел ќе бидат разгледани политичките и регионалните аспекти на Договорот, со посебен акцент на неговата имплементација и предизвиците на иднината. Ќе биде истакната и улогата на институциите во зајакнувањето на односите меѓу заедниците. Посебно внимание ќе биде посветено на значењето на стабилноста и меѓуетничките односи во европската перспектива на земјата,наведува организаторот.
Третиот панел е на тема: Децентрализацијата и локалниот развој како столб на демократијата и социјалната кохезија, на кој панелисти ќе бидат: Александар Кржаловски, експерт за граѓанското општество, Проф. д-р Демуш Бајрами, истражувач на општествени студии и универзитетски професор, Енвер Хусеин, поранешен заменик-министер за труд и социјална политика, Неџдет Мустафа, заменик-министер за односи меѓу заедниците и Александар Чомовски, новинар и колумнист.
-Дискусијата ќе се фокусира на значењето на децентрализацијата и локалниот развој за зајакнување на демократијата и подобрување на животот на граѓаните. Ќе се разгледа потребата од пофункционални локални институции, поголема вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки и создавање еднакви можности за развој во сите заедници. Значаен дел од дискусијата ќе биде посветен на односите меѓу заедниците, дијалогот и соработката како важни фактори за социјалната кохезија. Ќе биде истакнато дека одржливиот локален развој и правичната застапеност на етничките заедници можат да придонесат кон градење подемократско, инклузивно и одржливо општество, наведуваат од Министерството за односи меѓу заедниците.