Со оваа влада ќе биде полесно отворањето преговори со ЕУ, вели Таравари


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за здравство не го напушта оптимизмот околу заглавената евроинтеграција на Македонија и денеска тврдеше дека со владата во која тој е член ќе било многу полесно отворањето на преговорите.

Арбен Таравари на пратеничко прашање изјави дека промената на Уставот за одблокирање на евроинтеграциите на земјата,  било една од точките на договор со коалицискиот партнер во Владата. 

Пратеничката Арбана Пашоли од опозициската ДУИ праша дали имаат договор со коалицискиот партнер за уставни измени за отворање на евроинтеграциите и за дефинирање на албанскиот како службен јазик, согласно предизборните ветувања на АА, и колку време им треба за тоа, бидејќи според неа надминати биле ветените рокови.

„Вистина е дека една од точките во преговорите со нашиот партнер ВМРО-ДПМНЕ беше преговорите со ЕУ. Јас сум многу среќен, бидејќи ние го даваме нашиот максимум. Се радувам дека премиерот е проевропски ориентиран, има одлични односи со ЕУ и со САД. Отворањето на преговорите ќе биде многу полесно со оваа Влада, отколку со ДУИ кои имаат луѓе кои се на црната листа. Треба да се реформите, да се ресетирате, да се симнете на земја и кога зборувате за другите прво да појдете од себеси. Алијанса за Албанците заедно со ‘Вреди’ ќе се обидува заедно со оваа Влада и за почеток на преговорите со ЕУ, но и за формулацијата 20 отсто да се тргне од Уставот. Ова се прави во координација со главниот партнер во власта“, рече Таравари.