Со Отворен Балкан трговијата меѓу Македонија, Албанија и Србија е зголемена за 22 отсто, вели Ковачевски


 

Иницијативата Oтворен Балкан овозможи зголемена трговија меѓу Македонија и Србија благодарение на таа соработка за 50 отсто, меѓу Македонија и Албанија за 40 отсто. А вкупно зголемениот обем на трговија е 22 отсто меѓу трите држави, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за МИА.

Според Ковачевски тоа е резултат на подобрата соработка на деловната заедница. Како дел од таа соработка тој ја посочи вклученоста на стопанските комори, вградување и усогласување на фито санитарните контроли во делот на трговија со земјоделски производи и преработка на земјоделски производи.

„Во делот на мобилноста на младите, работниците, потпишани се договори кои овозможуваат непречено работење и преку националните портали, работници од Македонија, Србија и Албанија и признавање на дипломите во одредени дејности пред се мислам на медицината и на другите науки кои се сметаат за оние кои можат да придонесат за подобар развој на една држава и подобрување на услугите и низа на други поволности кои беа направени пред се заради граѓаните и заради деловната заедница,“ рече Ковачевски.

Тој ја посочи важноста од регионалната соработка, а тоа го потврдуваат и 72 регионални иницијативи во Западен Балкан. Една од нив е Отворен Балкан, исто така има една многу позначајна иницијатива која што е Берлински процес, во која учествуваат сите земји од Западен Балкан, кој се очекува да се забрза со оглед на тоа дека сите држави имаат многу јасна определба за зачленување во ЕУ.