Со онлајн наставата децата стануваат подостапни и за онлајн криминалците
Државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска порача денес дека криминалците не се повлекоа поради пандемијата туку напротив се прилагодија и го сменија начинот на своето делување. На форумот на Националната конвенција за ЕУ во Македонија, насловен „Пандемијата и безбедноста – како натаму?“, таа соопшти дека најзастапени во овој период се делата поврзани со тешки кражби и со домашно насилство, но во пораст се и заканите за безбедноста на децата кои работат онлајн, кражбите на интернет, миграцијата. И покрај затворањето на границите и неможноста да се патува, според Несторовска, забележан е раст на илегалната миграција од 55 отсто кај нас.
-Криминалците не се повлекоа за време на пандемијата само го прилагодија својот момус вивенди. Најзастапени се делата со тешки кражби и домашно насилство . Зголемување бележи и ризикот од компјутерски криминал и тој тренд веројатно ќе продолжи бидејќи значајно е зголемена онлајн трговијата и плаќањата преку интернет, што создаде ризици околу безбедноста на податоците на граѓаните. Расте и детската ранливост, поради поголемата изложеност на децата на интернет и недоволниот надзор од страна на родителите. Овие криминалци од друга страна не се толку видливи за службите. Присуството на дезинформациите исто така стана клучна карактеристика во пејсажот за време на кризата со Ковид 19 а со цел да се поткопа јавната доверба на владините институции. Суштината на пандемијата затоа е справување со здравствената криза, но и со лажните вести“, рече Несторовска.
Околу илегалната миграција таа генерално оцени ека по првичното намалување на почетокот на кризата со корона вирусот, кога почна затворањето на границите, од април повторно се зголемува. Според неа тоа укажува дека, и покрај новата реалност со пандемијата, нивниот број не се намалува туку напротив се зголемува ризикот од нивно кријумчарење. Во нашата земја тој криминал е зголемен за 55 отсто и во една од последните акции била откриена 12-члена група која организирала криумчарење на стотина мигранти.
-Пандемијата не е само национален проблем и наметнува потреба од координиран пристап на меѓународно ниво. Пандемијата го ограничи нашето движење и ги ограничи можностите, но не не ослободи од обврските што како Министерство ги имаме кон граѓаните, нагласи Несторовска.