Со одлуката за посебни наменски сметки, проектираните 27 милиони евра ќе стигнат до сите граѓани


Владата на седница вчера донесе Одлука за дополнување на Одлуката за отворање посебна наменска сметка за лицата кои не ги ажурирале податоците до законски предвидениот рок и кои поради тоа не се најдоа на листата за финансиска поддршка од 6.000 денари од четвртиот пакет мерки, кои се наменети за граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.

– Проектираните 27 милиони евра ќе пристигнат до сите граѓани. Во однос на банките, имаше апел од Владата за толеранција во роковите, додека да заврши процесот на исплата. Банките се повикуваа на законскиот рок, 25 декември, и затоа со вчерашната одлука на Владата го надминуваме и тој проблем со измена на законот, со што се продоклжува рокот за ажурирање на податоците за да може граѓаните да ги добијат парите. Процесот очекуваме да заврши во јануари, откако претходно, се разбира, ќе помине во Собрание, рече владиниот портпарол Душко Арсовски денеска на прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека според законот, извршител не може да  врши наплати од потсметките на граѓаните кои добиле финансиска поддршка од државата и такви случаи досега не пристигнале како информација до Владата.

Соопшти дека во најголем дел од приговорите кои не биле прифатени се работело за граѓани кои веќе добиле помош во третиот сет мерки и дека политиката на Владата е да бидат опфатени што е можно повеќе граѓани.

За одбиени поединечни случаи рече одговори може да се побараат  од институциите од чии евиденции се преземени податоците за граѓани на кои им следува оваа помош, како Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување.

На прес-конференцијата владините портпароли соопштија за одлуките кои Владата ги донесе на вчерашната, 35-та седница, меѓу кои за утврдениот текст на Предлог-законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, согласност за започнување на постапка за доделување договор за  јавно-приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на две фотонапонски електроцентрали на местото на некогашната ТЕЦ Осломеј, одлуката за помош од шест милиони денари за ублажување на последиците од земјотресот во Хрватска.