Со новиот царински систем, нема лажен извоз на стоки за затајување ДДВ


Со новиот систем за дигитална обработка на царински декларации и акцизни документи -СОЦДАД се очекува намалување на затајувањето на ДДВ. Зашто Царината, но и Даночната управа преку системот на интеропарабилност ќе имаат увид во целокупното движење на стоките и ќе можат електронски да проверат дали камионите натоварени со стока навистина излегле од државата или и по три месеци стоката е уште во државата. И во тој случај, ќе можат на компанијата да ѝ наплатат данок.

Со измени во Правилникот за спроведување на данокот на додадена вредност, се определува дека кога ќе се изврши извоз Царината испраќа посебна електронска порака (IE599) на фирмата или на шпедитерот.

„Ова известување за извршен извоз, со новиот систем за обработка на царински декларации, видливо е и за Управата за јавни приходи. УЈП ќе може едноставно да провери дали конкретна фирма има направено извоз. Досега, со хартиените документи, фирмите употребуваа најразлични начини за да симулираат дека стоките се извезени, а тие да ги продаваат на домашниот пазар, и за тоа да не плаќаат ДДВ. Беше можно со употреба на лажни печати со кои се ‘потврдуваше’ извозот, со фалсификувани документи. А УЈП, за секој поединечен случај, ако сакаше да провери, требаше физички да прегледа купишта документи. Сега проверува со еден клик“, објаснуваат од Царинската управа.

Доколку компанијата поднела декларација за извоз на стока, а извозот не е реализиран во рок од 90 дена, од Царинската управа велат дека, согласно регулативата која е усогласена со онаа на ЕУ, на компанијата ѝ се покренува испитна постапка и доколку не успее да докаже дека каминот го напуштил царинското подрачје на Македонија, ѝ се наплатува ДДВ.

„Дигитализацијата е значајна за намалување на даночното затајување. Таа е една од големите мерки против она што нè критикува ЕУ – нивото на неформална економија“, укажуваат од Царинската управа.

ЕУ во последниот извештај за земјата бара да се применат инструменти за борба и намалување на даночно затајување, измами и неформална економија.

Новиот систем за дигитална обработка на царински документи стартуваше со работа на 1 јуни.

Анита Салтировска