Со нов закон легализацијата на дивоградбите ќе стане поскапа


Фото: Б. Грданоски

Во Владата се разговара за можност за нудење на последна легализација на дивоградбите но со посебни услови, пишува порталот „Фактор“. Можност за легализирање ќе имаат само градбите што не се во заштитено природно подрачје и тоа ќе чини повеќекратно повеќе од даноците и трошоците што сега се плаќаат во регуларна процедура за градење. На ваков принцип ќе се овозможи за последен пат да се легализираат дивоградбите, а по одреден временски рок ако не се легализира објектот – истиот ќе се сруши.

На овој начин се проценува дека ќе добијат општините, а нема да има нерамноправен однос со сите оние кои ги следат законските процедури.  Досегашните легализирања беа направени на штета на оние кои почитуваат законски процедури и на штета на општините, додека на овој начин ќе се даде последна шанса за сите „непроблематични„ градби и оние кои се во тампон зоните и во зоните за „одржлив развој“ надвор од заштитените подрачја, со трошоци што ќе бидат значително поголеми.

Со новите предлози исто така се избегнува проблемот со легализација на дивоградби во заштитени подрачја и национални паркови, бидејќи ќе биде исклучено како можност.

Овие законски решенија се предвидуваат да направат баланс по последното фијаско на Законот што претседателот Стево Пендаровски не го потпиша. Тој не го стори со објаснување дека на овој начин се стимулира непочитување на законските одредби.