Со нерешена денационализација, Општина Битола на приватно земјиште гради парк во Нова Битола

Градоначалникот Тони Коњановски потврдува дека за земјиштето се води управна постапка, но вели дека паркот ќе биде придобивка за сите


Просторот каде што треба да биде изграден паркот

 

БИТОЛА – Уште Управниот суд не донел одлука за сопственоста и надоместокот, Општина Битола се зафати со уредување на нов парк на локација во Нова Битола, во населбата Довлеџик. Пред десетина дена локалната власт го најави стартот на работните активности на новиот парк, а во петокот на седница на Советот, опозицијата зборуваше дека се води управна постапка со приватните сопственици на земјиштето.

Дали има судска постапка во Управен суд Скопје за денационализација на парцелите каде што општината ќе го гради паркот во Нова Битола?, прашаа советници од СДСМ и Левица на седницата на Советот. 

„Дали Општина Битола ќе го гради паркот на општинско, државно  или приватно земјиште? До нас се обратија граѓани кои живеат во тој реон и при тоа имаат управна постапка пред надлежните органи, а реално не знаеме кога таа постапка заврши. Затоа на граѓаните треба да им се даде одговор на ова прашање“, рече Петар Николовски, советник на СДСМ.

Одговорот го даде градоначалникот Тони Коњановски, кој не негира дека дел од поранешните сопственици водат постапка за надомест за земјиштето.

„Гордо ќе изјавам дека наместо бетон, битолчани ќе добијат зеленило на површина од над 30.000 квадратни метри. Оваа власт реши да ги зголеми и зелените површини да ги зголеми. Она што безмилосно е исечено во Касарната, ете сега на друга локација, ќе имаме парк во Нова Битола во наредните години. Општинската администрација направи претходно анализа во делот на сопственоста на земјиштето и одговорно тврдам дека паркот ќе биде придобивка за сите, дури и за оние коишто  биле поранешни сопственици на земјиштето, кои водат постапка за надоместок пред Министерството за финансии. Значи, точно е, се водат постапки за надоместок и тоа ќе биде исплатено онака како што доликува, како што предвидува законот“, рече Коњановски.

Само пред 10 дена  власта информира за динамиката со која ќе се уредува паркот, кој покрај хортикултурно и партерно уредување, ќе содржи и спортски и детски реквизити, урбана опрема и соодветно осветлување.

Изградбата на паркот ќе ја чини Општина Битола 300.000 евра

Општина Битола ќе го реализира проектот во две фази, во соработка со јавните претпријатија од градот, а ќе чини околу 300.000 евра. Со уредувањето на оваа површина, која во досегашниот период воопшто не беше уредена и одржувана, според општината, Битола ќе добие нова зелена површина, која е многу значајна за подобрување на квалитетот на животната средина, а граѓаните ќе добијат ново место за одмор и рекреација, како и за игра и забава за најмладите.

„Некогашните ораници и запуштена површина јавните претпријатија ја средуваат. Ќе се одвиваат две фази и ќе побараме помош од меѓународни институции каде веќе сме аплицирале. Се надевам дека за брзо време Битола ќе има прекрасна зелена површина, она што граѓаните го бараат на нашите средби“, најави Коњановски.