Со МРП досега вакцинирани 34.214 лица на возраст до 14 години


Министерството за здравство соопшти дека вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина, од почетокот на епидемијата со морбили (мали сипаници) во целата држава изнесува 34.214. Од нив, 16.333 деца се вакцинирани на територија на град Скопје, додека пак, 17.881 дете е вакцинирано во останатиот дел од државата.

Од почетокот на епидемијата во декември 2018 година, досега, дополнително се аплицирани 6.108 дози на вакцина, од нив повеќе од 60 отсто се дадени на здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, а останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

Во изминатата недела, пријавени се седум случаи, од кои пет се класифицирани како мали сипаници. Од вкупниот број на пријавени случаи, четири случаи се од Скопје, а еден е од Куманово.

Во државата остануваат уште 8.642 невакцинирани деца на возраст до 14 години. Потребно е да се засили спроведувањето на вакцинацијата, особено на предучилишните деца надвор од Скопје. Остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности кои ги преземаат центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните служби во пунктовите за вакцинација, со посебен акцент на вакцинација на сите чувствителни категории. Вакцинацијата е единствената мерка за заштита од мали сипаници, стои во соопштението.