Со милион евра се реновира улицата „Илинденска“ во Битола


Реконструкцијата на улицата ќе оди во неколку фази

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, и директорите на ЈКП „Водовод“ и КЈП „Нискоградба“, Горан Козаров и Методи Сиљановски, извршија увид во градежните изведби на улицата „Илинденска“ во Битола. Оваа улица, која претставува една од сообраќајните крвотоци во градот, комплетно се реновира со средства и од централната и од локалната власт.

Градоначалничката Петровска потенцираше дека со домаќинско работење и во кризни ситуации, општината има обезбедено буџетски средства и за инфраструктурни зафати, што е случај со улицата „Илинденска“.

Реновирањето на „Илинденска“ која е долга 2,1 километри ќе се изведува во делови. Вкупната инвестиција од околу е милион евра е поддржана со 530.000 евра општински средства. „Ова е почеток  на сериозни градежни активности во Општина Битола и за сите нив постојат обезбедени финансиски средства“, изјави Петровска.

Министерството за транспорт и врски за реконструкција на мешовитата канализациона мрежа и за реконструкција на водоводната и хидрантска мрежа одвои 415.000 евра.

„Денес со градоначалничката извршивме увид не само на оваа улица, туку и на улиците кои што ќе започнат наскоро да се работат, а тоа се ‘Партизанска’ и ‘АСНОМ’. Очекувам во периодот кој што претстои да имаме активна градежна сезона“, рече министерот Горан Сугарески.

Министерот нагласи дека на територијата на Општина Битола, веќе се работи на заштитниот ѕид на обиколницата, паралелно се очекува од наредниот месец да се распишат тендери за реконструкција на преостанатите дел од патот Битола-Демир Хисар, како и патот од Битола до Меџитлија.