Со Михаил Корубин во ателје: Слободата ми е тука, во Скопје


Њујорк пред Скопје ја виде уметничката бескрајна приказна, светлост, раце, очи и ликови кои истовремено личат на секого и на никого, насликана на 15 мегаформати, платна работени во масло и акрилна техника на талентираниот уметник Михаил Корубин (33), од семејството на славни сликари како Миле и Рубенс Корубин.

Сега на ред е родниот град да ја види изложбата „Поглед“ (Gaze) на делата работени во последниве три години, а потоа и целиот регион.

Корубин е и магистер по ликовни уметности. Досега има изложувано во Канада, САД, Франција, Бугарија… Застапен е во книгата „Masters of contemporary fine arts“ на „Арт галакси“ и е автор кој со своето творештво предизвикува силен интерес кај љубителите на современата ликовна уметност, не само кај нас туку и сè повеќе ја шири својата ликовна енергија со голем број следбеници на социјалните мрежи.

„Независен весник“ ексклузивно влезе во ателјето на Корубин во Сарај и фрли „поглед“ на новите импозантни слики. Насликаните сини очи ве гледаат и во душата, како и сините очи на домаќинот Корубин. Во интервјуто, кое беше договарано пред патувањето за Њујорк, уметникот ни раскажа сè за својот уметнички свет, за емоциите и за плановите.

Зошто го избра Њујорк пред Скопје за новата изложба „Поглед“?

– Не планирав прво да направам изложба во Њујорк, туку едноставно така се подредија работите. Прекуокеанска изложба знае да биде комплицирана да се изведе, особено ако е во прашање голем формат на дела за кои треба да се планира неколку месеци однапред. Од друга страна, отсекогаш ми било желба да изложувам во Њујорк, тој е еден од водечките градови на уметност во светот и кога ќе се појави шанса не сакам да ја пропуштам. Скопје ми е огромна желба која наскоро ќе се оствари повторно.

Како ти го виде Њујорк, а како Њујорк ја пречека твојата уметност?

– Го сакам Њујорк, тој е еден град кој е брз, темпераментен и полн со енергија, можеш да го помирисаш во воздухот тој порив за успех, адреналин, пасија, кои ги насетуваш во луѓето, во нивното движење, зборување, во нивниот поглед кон иднината. Сето тоа ти дава нов ритам, нова енергија која дејствува инспиративно, како во уметноста така и во прогресот на работата. Изложбата помина одлично, задоволен сум од посетеноста, посебно сум задоволен поради тоа што дојдоа луѓе од Њујорк кои ме следат на социјалните мрежи, тоа беше убаво изненадување. Додека бевме таму, договорив уште еден прекрасен простор за изложба која би требало да случи следната година.

Како уметник, што добиваш во Њујорк, а што евентуално губиш?

– Може да добиеш многу, може да ти се промени животот, а понекогаш доволно е и само да се инспирираш. Њујорк знае да биде како еден огромен излог од продавница, нивото на експонирање може да биде енормно. Има едно чувство, додека си таму, мислиш дека моментално цел свет е во Њујорк, сите луѓе кои би ти требале некогаш за работа се на тротоарот пред галерија и само треба да се завртат за да влезат. Постојано си под импресија дека нешто важно и монументално ќе се случи. Се разбира, градот е огромен и тоа е малку веројатно, но сепак е место каде што е и најверојатно да се случи тоа, така што чувството е секако возбудливо. Како уметник, градови како овој се сон за секој, сè се случува на дневна база, цела светска уметност е собрана на едно место, креативноста што можеш да ја видиш во музеи, галерии е школа сама по себе. Сепак, Њујорк не е место во кое би се замислил да живеам, не верувам дека би изгубил нешто таму, но јас сакам помали места, мир и спокој, кои ми требаат за моето творештво. Сакам да патувам и, дефинитивно, да работам на такви места, но базата да ми биде онаму каде што најдобро би се изразил. Моментално слободата ми е тука, во Скопје, во студиото.

Зошто изложбата ја наслови „Поглед“? Кон што и кон кого?

– На почетокот на мојата работа започнувам со апстракција, линии, бои во кои интуитивно се препознавам и врзувам барајќи ја појдовната состојба што ја навестува енергијата и атмосферата која се прелева во синтеза на чувства од каде што извира погледот. Погледот има посебно значење кај луѓето и сета таа емоција што извира од него сакам да пробам да ја пренесам, како во очите така и во апстракцијата околу нив. Ние го препознаваме погледот, мултиплекс на чувства, секое нивно мало движење е комуникација, вистина, лага, приказна, енергија, кои во моите дела се пренесуваат на ликови кои истовремено личат на секого и на никого. Сакам гледачот да се поврзе со самиот поглед и колоритот што го опкружува субјектот, да му разбуди меморија, мирис, да препознае стара емоција во ново руво. Како што имам напоменато во мојот каталог.

„Oчи в очи контактот ме внесува во пиктуралниот простор, ја засилува дадената манифестација, ја насетува силата и волшебноста на моментот кој сè уште не го постигнал својот зенит.

Anima, Essence, Catharsis… (дел од насловите на моите слики).

Тоа не се моменти од површината на нашиот изминат живот, се случуваат сега замрзнати во времето некаде измеѓу пред и потоа.“

Ќе има ли изложба во Скопје и кои се твоите понатамошни планови со изложбата?

– Во Скопје веќе подолго време планирам да отворам изложба, моментално сум спремен за изложување, но сè уште размислувам за датум и простор. Следна прва изложба ќе биде во Скопје, и оттука сакам да продолжам во Софија, Белград, Загреб… тоа би било нешто кое ќе го направам со сигурност. Понатаму, сакам да го фатам и другиот дел од Европа, секој град си има различен менталитет на луѓе и би било интересно да се види различна реакција од место до место. На следната изложба сакам да претставам и поголем формат на слики од оние што ги правам. поточно диптих, триптих итн.

Првата изложба беше одлично прифатена од јавноста, на вторава чекавме малку подолго. Што те инспирира за нова уметничка приказна?

– Прво, никогаш нема да направам изложба за да ми се зголеми сивито. Не ми е важен бројот на изложби, ако не сум сигурен и задоволен од делата, тие нема да видат светлост. Сакам изложбата да биде шлагот на мојот труд, па како ќе ја прифатат луѓето не можеш да знаеш, но нема полошо чувство од изложба која е направена површно, тоа остава горко чувство во устата долго време после настанот. Важно е дадеш колку што можеш повеќе, другото е нешто што не мора да зависи од тебе, еднаш ќе го погодиш моментот друг пат не, и сè е тоа ок додека вистински си уживал во креативноста.

Инспирација се црпи од секаде, тоа е колективна бура на мемории, мисли, емоции која е насобрана во еден меур и доволно е еден „тригер“ за да експлодира. Така што најчесто тоа се случува кога гледам филм, слушам музика, читам… Доволна е искра за да ја фрлам книгата и да ми летне паметот кон што да насликам следно. Моментално сум во фаза на некоја експресивна фигурација, тоа ме влече, ќе видиме како ќе излезе сето тоа.

Што е за тебе уметноста? Ќеф, љубов, егзистенција, самоизразување, продолжување на семејната лоза?

– Уметноста за мене е и начин на живот, така што сето тоа што го набројавте е дел од тоа. Да би работел нешто друго, веројатно не би ни бил добар на тоа поле, мене паметот сакал-нејќел ми лета кон фантазијата и креацијата, затоа уметноста ми е задоволство, љубов, самоизразување, а тоа што можам да егзистирам од тоа е само еден голем плус поради кој сум многу среќен и привилегиран. Зарем има поубаво од тоа да заработуваш за живот од твојата пасија?

Кој уметник од светската уметност особено го почитуваш?

– Ах, почитувам многу уметници, моментално преку социјалните мрежи сум запознаен со стотици нови автори кои се феноменални во секој поглед. Како дете прв уметник од модерната ера што ме импресионираше, кој го видов во живо во музеј, беше Франсис Бејкон. Долго време ми беше инспирација, неговото претопување помеѓу апстракција и фигурација е нешто што се одразува кај мене до ден-денес. Мислам дека првите впечатоци на уметноста се толку јако врежани во потсвеста на секој човек што цел живот ќе излегуваат на површина, нормално тоа ќе еволуира на свој уникатен начин, но секогаш ќе се насетува. Секако, татко ми е уметник кој најмногу го почитувам, толку многу имам научено од него што се разбира дека ми оставил најголем печат во мојата креација.

Колку твоето славно презиме ти е инспирација, а колку притисок за уметничко изразување? Каде се допирате, а каде се разликувате?

– Искрено немам некој притисок, ние сликаме различно и секако некој ќе преферира еден или друг. Нормално, често е луѓе да нè споредуваат поради што сме татко и син, но ослободен сум од тоа, не нè засега ни двајцата. Според мене, се допираме во полето на цртеж, линија, експресија и фигурација, ја делиме таа техника, но сепак на крај делата се со посебен уметнички ракопис.

Пред да се занимаваш со уметноста, кои совети ти ги даде татко ти?

– Често ми велеше дека ако сакаш да бидеш уметник треба и да живееш како еден. Со уметноста живееш 24/7, едноставно треба комплетно да ѝ се оддадеш, целосно и безрезервно. Но едно е постојано да фантазираш за уметност, другиот дел е работата која некогаш е мачна и фрустрирачка, но тогаш треба покажеш сила и детерминација и оттаму доаѓа неговиот друг совет кој најдобро го опишува старата латинска поговорка „Nulla dies sine linea“, која во превод би била „Ниеден ден без линија“. Понекогаш, во тие моменти, кога најмалку ти оди, можеш да ја скршиш бариерата и да ти се отвори нешто сосема ново, свежо и возбудливо, тогаш е најубавото олеснително издишување, седнуваш и се насмевнуваш. Низ годините, се разбира, имам примени секакви совети од него, тој има огромно искуство така што за некои работи треба и време за да сфатиш дека бил во право.

Како сликаш? Сам, во тишина, со врева, во друштво…?

– Претежно сликам сам, јас обожавам музика, но таа има пресилно влијание на мене, што ми пречи во работата. Поради тоа, често слушам документарци кои одат во заднина и ми прават друштво. Во зависност од работата, ако работам нешто конкретно, да кажам механички, можам да имам некој пријател на гости, но кога сум во креативен замав, сакам да сум сам и целосно насочен и посветен на сликата. Кога работам, освен на делото во студиото, не сум многу уреден, боите се расфрлани, четките насекаде, би кажал дека е организиран хаос, но е само хаос, во тој креативен занос заборавам на сè. Тоа е нешто што веројатно треба да го променам, но секогаш заборавам. Често можам да поминам и по половина ден зјапајќи во слика на секои пет минути, тоа е како загатка која има илјада решенија, а со секој нов потег се отвораат уште толку. Во тие моменти ти живееш со сликата, легнуваш со неа во мислите, стануваш со неа, постојано ја ѕиркаш фотографијата од сликата на телефонот, мора да ја завршиш, ама како? Адреналинот во тој период е постојан, но не чувствуваш колкав е сè додека не ја завршиш сликата и сето тоа ќе исчезне од тебе, и потоа следува мал период на мир и спокој кој едвај чекаш повторно да го замениш со наредното дело.

Како личност и како уметник си мистериозен и не се експонираш. Кој е Михаил Корубин приватно?

– Сакам филмови, книги, патувања со сопругата, сакам дружба со брат ми, фамилијата и пријателите, уживам во пролет, готвам убава паста, скијам, играм тенис, другото може и да остане приватно.

Лејла Сабит     Фото: Борис Грданоски