Со кредит од ЕБОР и донации од ЕУ и Швајцарија ќе се воспоставува европски систем за управување со цврст отпад
Нашата земја првпат ќе воспостави регионални системи за управување со цврст отпад по европски стандарди, соопштија Министерствот за финансии и Министерствот за животна средина. Средствата ги обезбеди Министерството за финансии, а проектот ќе се имплементира преку Министерството за животна средина и просторно планирање.
За реализација на овој проект денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Средствата се обезбедени од ЕБОР, ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).
„Денеска со нашите партнери, Евопската унија и Европската банка за обнова и развој, потпишуваме Договор за заем, помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР и Проектен договор, помеѓу МЖСПП, кое е имплементатор на проектот и ЕБОР. Со овие договори Владата на РС Македонија обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, приближно 9 милиони евра грант од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и дополнително 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA)“, се вели во соопштението до медиумите.
Според министерот Бесими, оваа инвестиција е од клучно значење за позелена и одржлива иднина на Република Северна Македонија. Таа ќе придонесе не само кон намалување на загадувањето, што е врвен приоритет за нашита граѓани, туку ќе биде и пример за поттик за развој на нови проекти во областа на циркуларната економија, како и придонес кон регионален развој.

Средствата ќе се искористат за воспоставување регионални системи за управување со отпад по европски стандарди. Ќе бидат опфатени Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. Со ова Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат значајна промена во управувањето со цврстиот отпад.
„Воспоставување на регионален систем за управување со отпад значи директна помош на општините од сите региони. Новиот пристап ќе овозможи имплементација на подобро собирање, транспортирање и депонирање на отпадот и изградба на санитарни депонии во согласност со националното и ЕУ законодавство за депонии. Инвестицијата опфаќа и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање комунален отпад. Дополнително, ќе работиме и на развивање навики и подигање на свеста кај населението за селекцијата на отпадот и придобивките што ги имаат од тој процес“, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.