Со контејнери за свежа туна сега ќе се превезуваат вакцини против корона


Ова е еден од најголемите логистички предизвици во модерната историја: Како милиони дози вакцина за КОВИД-19, кои мора да се чуваат на неверојатно ниски температури, брзо ќе се транспортираат преку континентите и океаните?

Една компанија го користи своето искуство со туната како водич.

„Термо кинг“ – која направи револуција во транспортот на храна преку напредок во контролираната со температура испорака пред Втората светска војна – соработува со фармацевтски компании, влади и логистички компании за да се осигури безбедноста на вакцините додека патуваат во клиниките и болниците. За да се случи тоа, тие ги преработија контејнерите кои обично се користат за транспорт на свежа туна во Јапонија, за што се потребни слични ладни услови.

„Го зедовме тој производ и го модифициравме“, изјави за Си-Ен-Ен Бизнис Франческо Инкалза, претседател на „Термо кинг“.

Туната мора да се чува на -60 степени Целзиусови за да ја задржи својата квалитетна и темно црвена нијанса кога ќе дојде во супермаркетите и рестораните, рече Инкалза. Вакцината против корона вирусот развиена од Pfizer и BioNTech мора да се чува на -70 степени Целзиусови додека е во транзит.

Така, „Термо кинг“, дел од компанијата Trane Technologies, со седиште во Ирска, направи некои измени, додавајќи дополнителна изолација и прилагодувајќи го системот за ладење за да може да биде уште постудено. Сега, секој контејнер долг 20 стапки може да носи 300.000 дози од вакцината на „Фајзер“ – првата одобрена за употреба во западните земји по ригорозно тестирање – на копно или на море. Некои од нив се веќе продадени и се пробиваат низ целиот свет.

Инкалза рече дека за ваква иновација обично се потребни години за да се развие.

За време на транспортот, фармацевтските производи обично треба да се чуваат на ладно на два до осум Целзиусови степени. Но вакцината на „Фајзер“ е различна.

Ова е прв пат да се одобри вакцина која користи технологија mRNК, која вклучува пренесување на упатства за телото да започне да произведува дел од корона вирусот. Ова, пак, предизвикува имунолошки одговор. Американската администрација за храна и лекови во петокот ја одобри вакцината на „Фајзер“ за итна употреба. Велика Британија започна да им дава вакцина на своите граѓани во вторникот, додека Канада дозволи нејзино користење во среда.

Друга вакцина, на „Модерна“, која исто така користи технологија на mRNК, исто така може да биде одобрена од владите во следните недели. Може да се чува на -20 степени Целзиусови.

Експертите за синџири за снабдување велат дека одржувањето на mRNК вакцините доволно ладни е еден од главните проблеми во нивната дистрибуција низ целиот свет и за запирање на пандемијата. Но, тие сметаат дека тоа е можно, со оглед на софистицираноста на таканаречениот „ладен синџир“, кој со децении чува храна и лекови ширум светот на одредени температури.

„Треба да се испланира и да се спроведе многу внимателно“, рече Бурак Казаз, професор по менаџмент за синџири за снабдување на Универзитетот во Сиракуза. „Тоа не значи дека не може да се направи, но мора да бидеме многу внимателни во врска со тоа“, рече тој.