Со кој градоначалник Груевски е на телефон? Да не е Данела, прашува СДСМ


Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски

 

Како и многу други во Македонија, така и СДСМ ги следи објавите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на Фејсбук коишто доаѓаат од неговото прибежиште од Будимпешта. Груевски вчера беше осуден на уште девет години затвор, овој пат за учество во криминалното уривање на комплексот „Космос“ на Фиат Цаноски.

Груевски вчера напиша дека пред две недели разговарал со некој актуелен градоначалник од Македонија. СДСМ прашува да не е тоа градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

„Вообичаено, веднаш по изрекувањето на пресудата со свој став излезе повеќекратниот осуденик во бегство, Никола Груевски. „Но овој пат Груевски откри нови работи, односно дека тој бил во комуникација со актуелен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Дали Данела Арсовска е градоначалникот и контактот на Груевски со кој тој комуницира редовно? Дали Груевски редовно комуницира и со други градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ? Објавата на Груевски само го потврдува она што СДСМ го тврди, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ сè уште е управувана од Будимпешта, а Христијан Мицкоски е само извршител на Груевски. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не го осудуваат и не се оградуваат од криминалите, туку напротив тие ги бранат криминалците во своите редови“, рече денеска на прес-конференција портпаролот и пратеник на СДСМ, Дарко Каевски.

Во реакцијата на Фејсбук по пресудата Груевски напиша:

„’Ајде кажи ми како сега да ги рушам некои објекти кои се за рушење, кои се незаконски изградени, после се ова што ти се случува тебе и на другите? Па подобро да одговарам за несрушено нешто што требало да се сруши, отколку за срушено а што требало да се сруши‘. Ова прашање ми го постави пред околу две недели во телефонски разговор еден актуелен градоначалник во Македонија, на кое експресно самиот си одговори, за да заврши со зборовите: ’Злобата во Македонија расте и допрва ќе расте. Помирувањето е веќе мисловна именка‘“.