Со камиони превезувале 148 мигранти низ земјава


 

Во два одделни случаи полицијата пронајде 148 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран, Бангладеш, Сомалија, Палестина и Сирија.

Имено, во вторникот, во 8.50 часот од полициски службеници од Полициската станица Неготино, во близина на Прждевски споменик, Демир Капија, било сопрено патничко возило „ауди“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К.(35) од Скопје, а веднаш по него и товарно возило „мерцедес“, со битолски регистарски ознаки.

Возачот на товарното возило, А.М.(37) од Липково се дал во бегство, но по кратко бил пронајден. Во товарното возило биле пронајдени 103 мигранти од Пакистан, Авганистан, Индија, Египет, Иран и Сирија. Двајцата осомничени биле приведени во Полициската станица Неготино за понатамошна постапка. Известен бил Јавен обвинител, а мигрантите се сместени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија за понатамошна постапка.

Истиот ден попладнето, во 19.10 часот во Полициската станица за граничен надзор Сопот било пријавено дека на место викано „Врело“ во село Ваксинце, Липково, било затекнато товарно возило „ивеко дејли“, со скопски регистарски ознаки, управувано од непознато лице, кое се дало во бегство, а во возилото биле пронајдени 45 лица мигранти од Сирија, Бангладеш, Сомалија, Пакистан и Палестина. Мигрантите биле сместени во Транзитниот центар „Табановце“ за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.