Со камери и дронови ќе се снима кој фрла отпад во реката Лепенец

Заминик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска денес присуствуваше на настанот на кој се презентираа постигнатите резултати и официјално се изврши предавање на проектна опрема на општина Ѓорче Петров во рамки на прекуграничниот проект „Паметен систем за рано откривање на поплави и следење на отпадот во сливот на реката Лепенец“.
Проектот е финансиран преку ИПА III Програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија 2021-2027 и се имплементира од страна на Општина Хани и Елезит од Косово подржана од косовското Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, а во соработка со општина Ѓорче Петров, Дирекцијата за заштита и спасување и Меѓународниот институт за развој и истражување „Д-р Југослав Ачкоски“ – Скопје.
„Ги поздравувам напорите на двете прекугранични општини – Ѓорче Петров од Македонија и Хани и Елезит од Косово кои заеднички го имплементираат овој проект за развој на паметен систем за рано откривање на поплави и мониторинг на отпадот на реката Лепенец. Одржливото управување со водите на Лепенец, како заедничко природно добро, прилагодување и ублажување кон климатските промени и превенција и управување со ризици и поплави во ова сливно подрачје е од особено значење не само за животната средина, туку и за заштита на животот на населнието и социо економскиот развој“, рече Лашкоска додавајќи дека за Министерството за животна средина и просторно планирање ваквите позитивни примери за одржливо управување со водните текови и речните сливови се од големо значење и дека треба да мултиплицираат современите пристапи и паметните решенија во интерес на животната средина.
Како дел од проектните интервенции, во Ѓорче Петров се поставуваат две современи камери со сензори, чија примарна цел е детектирање на неовластено фрлање отпад на критични точки по должина на реката и други јавни површини.
Покрај тоа, инсталиран е сензор за мерење на водостојот на реката Лепенец, кој во реално време ќе ги следи промените на нивото на водата и претставува клучна алатка за рана детекција на потенцијални поплави, што овозможува навремено реагирање од страна на институциите и подобра заштита на населението и инфраструктурата.
За дополнително унапредување на мониторингот и пристапот до тешко достапни локации, обезбедени се два дрона кои ќе се користат за аеронадзор. Тие ќе овозможат снимање и следење на поширока област, со што ќе се подобри брзината и точноста на собирање на податоци за состојбата на теренот – особено во делови каде што постои ризик од поплави или се појавуваат диви депонии.
Исто така, во следниот период се предвидува и набавка на специјализиран камион-кипер, кој ќе биде користен за отстранување на отпадот, интервенции на терен и логистичка поддршка во случаи на природни непогоди или еколошки инциденти. Со ова возило, општинските служби ќе добијат зголемена мобилност и оперативна подготвеност за решавање на проблеми поврзани со животната средина.
Активности се дел од поширока прекугранична иницијатива за воспоставување интегриран и одржлив систем за заштита на сливот на реката Лепенец со цел преку иновативен и заеднички пристап да се надминат долгогодишните еколошки предизвици и да се изгради посигурна и поздрава иднина за граѓаните од двете страни на границата.
-Преку воведување паметни технологии – сензори, дронови и системи за надзор, добиваме нови алатки во борбата против загадувањето и климатските ризици. Ова не се само технички подобрувања, туку конкретни мерки што директно го унапредуваат квалитетот на животот на граѓаните и ја зголемуваат безбедноста на нашата заедница – рече градоначалникот Стојкоски.
Настанот присутвуваа и градоначалниците на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски и на општината Хани и Елезит Мехмет Балази, заменик директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Кашмир Салиу, д-р Југослав Ачкоски од Меѓународниот институт за развој и истражување „Д-р Југослав Ачкоски“ – Скопје како и претставници на проектната единица.