Со излегување на слободниот пазар, ќар и над 30 отсто за струја


Македонија има најслободен пазар на електрична енергија од сите земји членки на Енергетската заедница (ЕЗ). Процентот на либерализација, како што посочи Јанез Копач директор на Секретаријатот на ЕЗ, е околу 65 отсто, што е многу повеќе од Црна Гора која има околу 50 проценти и Србија далеку под 50 отсто, додека останатите земји имаат многу помал процент.

„Либерализацијата на пазарот на крај секогаш е во полза на потрошувачите. Ценам дека е добро направена во вашата земја и без никакви потреси за граѓаните, што не е едноставно“, рече Копач.

За него, менувањето на начинот на работење на ЕСМ и претворањето во профитабилна компанија е позитивно, како и вклучувањето на МЕПСО во третиот енергетски пакет.

Заклучно со мај, се бележи дека околу 4.000 компании излегле на слободниот пазар на електрична енергија, што е пораст од над 400 проценти.

„Претходно излегуваа компании кои имаа поголема потрошувачка, а сега претежно излегуваат комерцијалните потрошувачи – мали дуќанчиња, кафулиња, ресторани. Она што изненадува е што имаат намалување на трошоците за електрична енергија за 27 до 32 отсто. Притоа, задржавме и ценовна стабилност во делот за домаќинствата. Се создаваат услови нашите девет активни снабдувачи да продаваат електрична енергија на слободниот пазар, но сите увезуваат струја и нивната цена зависи од цената на регионалниот пазар која оваа година е нешто повисока од вообичаената. Поради тоа, сè уште не се заинтересирани да нудат кај домаќинствата, но кога ќе се создадат услови ќе бидат први што ќе им ги понудат своите услуги на домаќинствата“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.