Со изборите дојдоа и штрајковите


Додека повеќе земјоделски здруженија се подготвуваа вчера за најавениот протест пред владата во Скопје, од Синдикатот на образованието, науката и културата стигна најава за штрајк и негативен одговор на понудата што министерот за образование Арбер Адеми им ја испорача пред неколку седмици:  Советот на СОНК едногласно донел одлука дека не го прифаќа предлогот на Министерството за образование и Владата за зголемување на платите за 10 отсто, почнувајќи од април 2020 година.

Се огласи и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, со барање зa корекцијата на платите за три отсто со ноемвриските примања и дополнителни 16 отсто за сите вработени во здравството, согласно коригираниот процент на минималната плата во државата. Најдалеку отиде Синдикатот на Клинички центар, од каде што најавија поддршка на изборите за онаа политичка опција кој ќе излезе во пресрет на барањето за лекарска плата од 100 илјади денари, кое, всушност, е поттикнато од програмата на СДСМ за изборите во 2016 година.

Претседателот на СОНК ,Јаким Неделков, на вчерашната прес-конференција,  изјави дека вработените во образованието ќе ги бранат своите интереси со штрајк, што се  планира да почне на 11 ноември годинава, ако во меѓувреме владата не одговори позитивно на нивните барања.

„Советот на СОНК во овој период на мирување до генералниот штрајк, до кога има 15 работни дена, уште еднаш го отвора барањето до Министерството за образование и бара предвиденото зголемување да не почнува од април 2020 година, туку од 1 јануари 2020 година“, рече Неделков.

 

Од СОНК предлагаат понудените 10 отсто да бидат предмет на договарање, односно, како што рече Неделков, да се понуди поголемо зголемување. Како придружни барања што ќе се достават до МОН се измени на колективните договори за основно и за средно образование во кои ќе се иницираат регрес за годишен одмор, надоместоци поврзани со превоз на вработените, прекувремените наставни часови, кои досега воопшто не се исплаќале, ревидирање на плаќањето во комбинирана настава… Неделков смета дека е итно барањето за изготвување и потпишување на колективен договор за високо образование и наука, кој би се имплементирал од 1.1. 2020 година.

Неделков рече дека  ако не се исполнат нивните барања ќе се одржи штрајк кој ќе биде со прекин на работниот процес во основните, средните и високообразовните институции.

Премиерот Зоран Заев апелираше преговорите на СОНК и Министерството за образование за зголемување на платите во образованието да продолжат и да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Синдикатите, рече Заев, треба да се свесни дека државата може да  го понуди само тоа што навистина може да го даде.

„Јас ги почитувам работничките права. Левичар сум и сакам да имаме задоволни работници, задоволни носители на дејност, наставници, професори, но и администрација во образованието кои ќе го пренесуваат знаењето кај децата“, рече Заев.

Тој нагласи дека владата прави максимални напори да се дојде до решение, бидејќи, како што рече, „ние може да понудиме тоа што навистина може да го дадеме, а тоа што го нема буквално е и невозможно“.

Премиерот потенцира и дека во образованието откако оваа влада е на власт имало две зголемувања на платите од по пет отсто. Сега, рече, понудивме ново покачување од април до година во висина од 10 отсто.

„Сакам да испратам порака на разбирање, заради тоа што навистина ние сме свесни дека се ниски платите во образовниот процес. Правиме паралели и со соседството, но дефинитивно  капацитетите на државата се токму тие. Апелирам до СОНК и сите синдикати за разумност во преговорите и за изнаоѓање решение“, рече Заев.

Сезоната на протести и штрјкови во главниот град денеска ќе ја отворат неколку здруженија од сите гранки во земјделството. Тие најавија протестен марш од Скопски саем до владата, под мотото „Земјоделците нема да ви простат“. Велат  дека ова е почеток и дека ќе протестираат  додека надлежните не ги исполнат нивните барања.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски, пак, намириса политичка „запршка“ во протестите „само за да се додаде некој зачин за предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април следната година“. Тој ја обвнини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад највениот протест.

„Не гледам причина и повод земјоделците  да излезат на протести пред Владата, бидејќи цело време заедно со нив ги планиравме интервентните мерки што ги воведовме и секогаш беа информирани кога точно може да ја очекуваат исплатата и од каде ќе стигнат исплатите, но тоа е нивно право“, рече Димковски.

Земјоделците отфрлаат политичка заднина на протестот. Велат ако треба ќе клекнат пред сите партии и ќе ги повикаат да им се придружат, само да се реализираат нивните барања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на министерот за земјоделство, рече дека  опозицијата стои зад интересите на земјоделците и позади политиките за подобра иднина на земјоделците.

„СДСМ  и министерот нека обвинуваат. Тие стојат зад погрешните политики што ги доведоа земјоделците до питачки стап. Ние стоиме зад интересите на земјоделците, сме стоеле и ќе продолжиме да стоиме, а тој нека продолжува да го обожува ликот и делото на Зоран Заев и нека продолжи да води погрешни политики кои ги доведоа земјоделците на питачки стап“, изјави Мицкоски.

Од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, исто така, побараа вчера корекцијата на платите, согласно на покачувањето на минималната плата.

„Останувајќи доследен на своите синдикални определби и социјалниот дијалог, со посебен акцент за подобрување на општествено социјалната положба на вработените во здравствената дејност Советот расправаше и побара: корекција на платите за  три проценти, кои останаа нереализирани по направеното зголемување на платите во јануари 2019 година за медицинските сестри и другите здравствени работници со средно, вишо и високо образование. Истата корекција се побара да биде реализирана и за лекарите од општа пракса. Притоа, Советот беше едногласен оваа корекција да биде пресметана со платите за ноември кои ќе бидат исплатени во декември оваа година“,.се наведува во соопштението од Синдикатот.

Советот, се додава, побара и јануарските плати во 2020 година да бидат коригирани за 16 отсто за сите вработени во здравството, согласно коригираниот процент на минималната плата во државата.

Од здравствениот сектор, претходно, се огласи Синдикатот на Клинички центар, од каде што ги потсетија премиерот и министерот за здравство дека тоа е далеку од ветената во програмата основна плата на доктор специјалист во терциерно здравство од минимум 100.000 денари и двојно зголемување на основната плата на здравствените работници.

„о случај платата на здравствените работници да биде зголемена согласно програмата, информираат од Синдикатот, со право ќе го побарате и ќе можете да сметате на гласот на здравствените работници на претстојните парламентарни избори, а јавно ќе побараме од своето членство да ја поддржи вашата политичка опција“, се наведува во реакцијата на Синдикатот до владата.

Во спротивно, од Синдикатот посочуваат  дека владата ќе ја загуби довербата не само кај здравствените работници, туку и кај поголемиот дел од граѓаните. (П.Р.)