Со Италија не врзува и културната размена- во Чифте Амам отворена изложба на фотографии од ризницата на Архивот на браќата Алинари


Во една опуштена атмосфера како што може да ја наметне топлината на италијанската култура, вчера во Чифте амам се отвори изложба на фотографии од ризницата на Архивот на браќата Алинари. Сите присутни, претставници на дипломатскиот кор, политичкиот естаблишмент и останатата публика, во формалниот така и во неформалниот дел на настанот говореа за значењето на културната размена.

-Оваа изложба е резултат на првата средба со амбасадорот на Италија при неговата посета на нашата институција, изјави Дита Старова-Ќерими, директорката на Националната галерија.

Националната Галерија низ годините се постави како релевантна институција која е домаќин на значајни меѓународни гостувања и изложби. Двете пријателски земји имаат силна традиција на културни размени. Културната размена додава вредност на егзистенцијата инспирирајќи нови форми на уметничко изразување. Чинителите и посетителите создаваат нови мрежи и учат како да разговараат и да комуницираат со луѓе од други култури, да се приспособат и да научат за новите средини. Меѓусебно да најдат заеднички универзален уметнички јазик. Националната галерија станува простор за продлабочување на разбирањето на различните култури и обезбедува простор за партиципативни и креативни средби. Според нас, културните институции можат да играат клучна улога во поврзувањето на луѓето и во градењето на покохезивно и отворено општество.

 

По вчерашното отворање, денес Чифте амам е преплавен со посетители, од сите генерации кои љубопитно ги разгледуваат двете изложби кои се поставени во галерискиот простор.