Со или без цевките под мостот „Беласица“ скопјани ќе имаат парно, уверува Бислимоски


Фото: Б. Грданоски

Регулаторната комисија зе енергетика се уште чека цврсто уверување меѓу ЕСМ и Градот Скопје дека ќе почне поставувањето на цевките преку мостот „Беласица“ кои изгореа во големиот пожар , за да одреди цената на парното греење. И покрај тоа што до официјалниот почеток на грејната сезона има уште само девет дена, од РКЕ уверуваат дека скопјани ќе имаат греење, со или без цевките по мостот „Беласица“.

„Скопје и со постојната инфраструктура што ја има со двете топлани, без било кој цевковод, може да се снабдува со топлинска енергија и ќе нема никаков проблем во однос на снабдувањето со топлинска енергија. Би замолил да не се шири фама дека Скопје би останало без топлинска енергија“, рече денес Бислимоски  одговарајќи на прашање на новинарите дали резервниот топловод под Железничкиот мост, за кој ЕСМ соопшти дека ќе го користи додека не се санира оној под „Беласица“, има капацитет да спроведе топлинска енергија од ТЕ-ТО.

Бислимоски додаде дека поентата на нивните реакции е што е можно повеќе топлинска енергија да дојде од ТЕ-ТО за да се намалат трошоците на целокупниот систем.

„ТЕ-ТО е битен поради тоа ни дава топлинска енергија која што е за 2,5-3 пати пониска отколку цената на топланите во Градот Скопје. Значи, Скопје ќе има парно греење, никогаш тоа не било доведено во прашање. Она што инсистира Регулаторната комисија за енергетика е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи“, рече Бислимоски.

Во однос на цената на парното која треба да ја утврди РКЕ, Бислимоски повтори дека одлука ќе биде донесена кога ќе добијат цврсто уверување дека ќе започне проектот да се реализира.

„Според информациите што ги имаме, нема никаков проблем меѓу ЕСМ и Град Скопје, но официјално кога ќе добиеме цврсто уверување ние ќе ја донесеме одлуката, но уште еднаш нагласувам дека нема да дозволиме да има било какви ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во Градот Скопје“, рече Бислимоски.

Тој исто така додаде дека кога ќе се носи одлуката РКЕ нема да ја интересира дали топлината се пренесува преку резервен топловод, односно дали е помал цевковод или поголем.

„Ние во калкулациите ќе влеземе дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60-70 проценти од топлинската енергија за да сочуваме ценовна стабилност. Зголемените трошоци во однос на тоа, се разбира дека ќе си одат на оној кој што има проблеми да го реализира. Нема да дозволиме да има било какви ценовни шокови“, рече Бислимоски.