Со хеликоптер спасено лице на Водно со скршеница на нога
На Горно Водно кај Скопје денеска е извршено спасување на едно лице кое се здоби со скршеница на нога, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Успешно заврши спасувањето на повредено лице со скршеница на нога, во координирана интервенција на ЦУК, Итна медицинска помош, МВР, Црвен крст и други субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), при многу силен ветер и други отежнати услови за транспорт“, соопшти ЦУК.
Како што посочуваат, во ЦУК во 11,56 часот е добиен повик за повредено лице со скршеница на нога во пределот на Горно Водно, во близина на Милениумскиот крст и веднаш преку Секторот за операции и координација во ЦУК била покрената акција за спасување и транспорт на повреденото лице.
Условите за остварување на спасителната акција биле тешки, заради силниот ветер на планината, а и заради тоа што патот од Средно Водно до Милениумскиот крст е непрооден и тежок за кое било возило, особено на осоите.
„Направен е и напор Итната медицинска помош да стигне и преку алтернативен пат преку Сопиште и Горно Соње, но медицинската екипа се доближила на 1,5 километар до Милениумскиот крст и јавила дека патот не дозволува понатамошно движење. ЦУК веќе стапил во координација со Хеликоптерската единица на МВР за можен ангажман и тогаш ЦУК упатил барање за подигање на хеликоптер, заради евакуација и транспорт на повреденото лице со скршеница на ногата.
Паралелно со координацијата со повеќето субјекти за акцијата, бил остварен и контакт од ЦУК со Јавното претпријатие за стопанисување со жичницата, за таа да биде вонредно вклучена, но добиле информација дека заради силниот ветер и автоматското сензорно контролирање не можело да се вклучи заради небезбедни услови за движење. Потоа повреденото лице со хеликоптер било пренесено и спуштено на хелиодромот на Државната болница.