Со грант преку проектот МСИП реконструиран покривот на ОУ „Рајко Жинзифов“ во Општина Чаир


Со грант во висина од три милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП и исто толкаво учество од Општина Чаир, извршена е реконструкција на покривот на основното училиште „Рајко Жинзифов“ во оваа скопска општина, во кое учат над 1.400 ученици.

Со реконструкцијата се заменети старите азбестно-цементни плочи и на нивно место е поставен нов лимен покрив со што е подобрена енергетската ефикасност на училиштето.

Училиштето денеска го посетија заменик-министерката за финансии Ширет Елези и градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу.

Како што информира Елези, грантот од Светска банка, преку МСИП и е доделен на општината поради успешно спроведување на три други потпроекти во вредност од 485.000 евра преку истиот проект, што се искористени за реновирање на две градинки и училиште, со што им се обезбедени подобри услови за образование на над 2.000 деца.

– Подобрување на општинските услуги е еден од успешните проекти преку кој досега се искористени над 100 милиони евра, односно 80 милиони евра преку Светска банка, 15 милиони евра софинансирани од Европската Унија и 5,2 милиони евра што беа софинансирани од Буџетот на државата. Реализирани се вкупно 230 проекти, а пред неколку дена беа инсталирани 108 фотоволтаици во неколку општини во вкупна вредност од 91 милион денари. Преку ИПА се реализирани 133 проекти кои се успешно искористени од страна на 78 општини, а најголем дел од парите се потрошени за реновирање и реконструирање на постојните локални патишта во вкупен износ од 12 милиони евра, изјави Елези.

Таа нагласи дека ги информирала општините навреме да ги изготват проектните документации, бидејќи преку Рамковната стратегија што е потпишана со Светска банка за периодот од 2019 до 2023 година на располагање ќе им бидат и 70 милиони евра за реконструирање на локални патишта, што ќе се реализира преку Министерството за транспорт и врски.

Градоначалникот на Општина Чаир истакна дека за истото училиште со проект конкурирале и во Министерството за образование и наука за да се доизградат нови осум училници.

– Истовремено реализираме заеднички проект со Министерството за образование и наука во ОУ „Васил Главинов“ каде се реконструира спортската сала, училниците и покривот. Во партнерство со приватни донатори, пак, се реконструира дел од покривот, спортската сала, училниците и ходниците во ОУ „Лирија“, а во градинката „Фидани“ заедно со Амбасадата на САД се подобрува енергетската ефикасност на објектот, рече Ганиу.

Тој посочи дека сите градежни активности ќе завршат до почетокот на новата учебна година со цел воспитно-образовниот процес да се одвива во нормални услови.