Со години нема учебници за стручното образование
Со години нема учебници во дел од средните стручни училишта, па наставниците се принудени сами да се снаоѓаат кога го предаваат наставниот материјал. За машинската струка фалат учебници по предметите технологија на обработка за прва, втора и трета година, компјутерско моделирање и конструирање за втора и трета година и проектирање на производно-технолошки системи за четврта година. Директорот на ЕМУЦ „8 Септември“, Кенан Асани, посочува дека недостигаат и учебници по изборните предмети.
„За машинска струка фалат учебници по изборните предмети програмирање на компјутерски управувани машини и компјутерско управување за трета и четврта година. Нови учебници, пак, нема за тригодишно образование машинска струка. Наставниот кадар за да им го предаде материјалот на учениците за кои нема учебници користи содржини од старите изданија на учебници, преведува учебници од соседството и преку интерни скрипти. Учебниците што недостигаат, освен за македонски наставен јазик, ги нема ни за албански“, вели Асани.
Проблем има и во средните училишта со економски и правни насоки на образование. Нема учебници по предметите информатика и основи на право за втора година, економија за трета година, за изборниот предмет англиски јазик за учениците од правна насока од четврта година и за изборниот предмет историја за четврта година.
Дека со години нема учебници за дел од стручните предмети во средните училишта знае и министерот за образование и наука Арбер Адеми, но се надева дека за новата учебна година образовните институции ќе бидат поподготвени и конечно учениците ќе ги добијат.
„Добро рековте дека во последните 11 години има недостиг на учебници. Сето тоа зависеше повеќе од печатење на учебниците бидејќи авторските права се на Министерството. Ние се трудиме и максимално сме посветени такви проблеми да немаме и да ги надминеме. Очекувам новата учебна година да ја дочекаме поподготвени како министерство и заедно со другите образовни институции, кои треба да дадат свој придонес во подготвување на учебниците“, одговори Адеми на прашање од „Независен весник“.
Минатата недела Министерството почна кампања „Средно што е вредно, одбери стручно“, чија цел е промоција на средното стручно образование како вистински избор и одлука која во голема мера го детерминира понатамошниот личен и професионален успех на младите. Сакаат да влијаат кај основците, но и кај нивните родителите да се запишат во средите стручни училишта. За да се срушат митовите за насоченото образование, надлежните ќе ги посетат сите општини, а пораката да се избере стручно училиште ќе биде пренесена и од претприемачи, кои имаат потреба од ваков кадар во компаниите.
„Ќе се обидеме да разбиеме одредени митови што без факти се формирани и подолг временски период опстојуваат и се пренесуваат од генерации на генерации, а ги намалуваат популарноста и интересот за упис во средните стручни училишта. На пример, митот дека стручните работници работат на помалку платени работни места, потоа дека условите во стручните училишта не се на соодветно ниво, не се стекнуваат потребните знаења, нема иднина со средно стручно образование… Се работи за апсолутно неточни, наследени фрази меѓу граѓаните кои мора конечно да се искоренат, односно да се побијат со факти. Во рамки на оваа кампања ќе бидат претставени сите струки и образовни профили кои ги нудат средните стручни училишта на територијата на нашата земја. Исто така, ќе бидат презентирани и инвестициите за подобрување на квалитетот на средното стручно образование, како и новите наставни планови и 1.040 модуларно дизајнирани наставни програми кои стартуваат во септември. Понатаму, идните средношколци ќе бидат запознаени дека се зголемува процентот на практична обука во вкупната едукација, што подразбира поголема динамичност и креативност во процесот на настава“, додаде Адеми.
Инаку, речиси 60 отсто од планираните 18.400 нови вработувања во земјава се за кадар со средно образование. Паралелно, 45 проценти од младите до 24 години се невработени затоа што нивните знаења и вештини не се во согласност со побарувачката на пазарот на трудот. Анализата за потребата на пазарот на трудот што е изготвена за потребите на Агенцијата за вработување покажува дека од околу 3.000 испитани компании, 1.880 се изјасниле дека во наредниот период од шест до 12 месеци ќе реализираат 18.400 вработувања. Од нив речиси 10.800 работни места или околу 58 отсто ќе бидат наменети за лица со средно образование и тоа најмногу стручно, а околу 1.400 за лица со високо образование, исто така стручно.
Истражувањето пак, што го направи Центарот за меѓуетничка толеранција заедно со Општина Гази Баба за потребите од квалификуван кадар во над 130 компании покажа дека во државава недостигаат од 5.000 до 8.000 заварувачи, металостругари, а само за потребите на компаниите лоцирани во Општина Гази Баба фалат 650 работници со средно образование, квалификуван кадар во делот од машинската и електронската индустрија. Нема работници за овие профили – или веќе работат или си заминале во странство за подобра заработувачка. Насушна е и потребата од заварувачи на метали, ракувачи на градежна механизација, програмери на ЦНЦ-машини, водоинсталатери, електротехничари, хемичари, месари, пекари, ѕидари, фармацевтски техничари, готвачи, информатички и медицински техничари.
Во ЕМУЦ „8 Септември во мај ќе се одржи саем на кој ќе има над 60 компании, ќе ги запознаваат учениците и нивните родители за можностите што им се нудат. Ќе се потпишуваат и договори за стипендирање, а по завршувањето на образованието ќе имаат можност веднаш да бидат вработени. Во СЕТУ „Михајло Пупин“, веќе има формирана паралелка „20-20-20“, во соработка со „ЕВН Македонија“. Следната година ќе бидат изведени првите обучени кадри што ќе бидат вработени во оваа компанија со почетна плата од 20.000 денари
Вероника Мароска-Леова
Фото: Борис Грданоски