Со фанфари во Марсеј пристигна бродот што го носи олимпискиот факел

Факелот ја напушти Атина со брод по име „Белем“, кој првпат беше користен во 1896 година, и помина дванаесет дена на море


Бродот „Белем“ со три едра влегува во пристаништето во Марсеј придружуван од мали бротчиња (Фото: АП)

 

МАРСЕЈ – Се зголемува возбудата во јужниот француски град Марсеј, каде што величествениот брод со три јарболи што го носи олимпискиот факел пристигна од Грција пред церемонијата за добредојде на зајдисонце во средата.

Организаторите на Париските игри ветија „фантастични“ прослави во градот, каде Старото пристаниште е ставено под високо обезбедување.

Факелот беше запален во Грција минатиот месец пред официјално да ѝ биде предаден на Франција. Тој ја напушти Атина со брод по име „Белем“, кој првпат беше користен во 1896 година, и помина дванаесет дена на море.

Повеќе од илјада чамци ќе ја придружуваат парадата на „Белем“ околу Марсејскиот залив. Бродот ќе се закотви на понтон кој изгледа како атлетска патека во Старото пристаниште.

Церемонијата на дочек во самракот во среда ќе вклучи демонстрација на авионите на Patrouille de France, акробатски тим на француските воздухопловни сили.

„Враќањето на Игрите во нашата земја ќе биде фантастична прослава“, рече претседателот на Организацискиот комитет на Олимпијадата во Париз 2024, Тони Естанге.

„Како поранешен спортист, знам колку е важен почетокот на натпреварувањето. Затоа го избравме Марсеј, бидејќи тој дефинитивно е еден од градовите кои се најзаљубени во спортот“, додаде Естанге, поранешна олимписка ѕвезда во кану со златни медали од Игрите во 2000, 2004 и 2012 година.

Безбедноста на посетителите и жителите е главен приоритет за властите во Марсеј, вториот по големина град во Франција со речиси милион жители. Околу 8.000 полицајци се распоредени наоколу во пристаништето каде се очекува да се соберат десетици илјади гледачи на церемонијата.

Илјадници пожарникари и одреди за деактивирање бомби се позиционирани околу градот заедно со поморската полиција и тимовите против дронови кои патролираат во водите на градот и во неговиот воздушен простор.

„Ова е монументален ден и ние работевме напорно за посетителите и жителите на Марсеј да уживаат во овој историски момент“, рече Јаник Оханесиан, заменик-градоначалник на градот.

Двиќењето на факелот ќе започне во четврток во Марсеј, пред да се упати кон Париз низ иконите низ земјата, од светски познатиот Мон Сен Мишел до плажите за слетување на Денот Д во Нормандија и Версајската палата.

Многу луѓе и семејства се шетаа по патеката по Медитеранот, блескајќи од возбуда и љубопитност. Група музичари, облечени во маици со слоганот „Марсеј, горд што го дочека олимпискиот пламен“, ги забавуваше туристите и жителите, како и работниците кои ја поставуваа олимписката сцена и понтонскиот мост над кој се очекува олимпискиот оган да да се пренесе од бродот до копното на Франција.

Олимпискиот пливач Флоран Мануду е избран за прв носител на пламенот во Франција. Мануду, кој освои четири олимписки медали, е брат на пливачката Лоре Мануду, која освои три олимписки медали во Атина во 2004 година.

„Ние сме исклучително горди“, рече градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан. „Овде започнува сè“.

Претставата ќе го „заслепи светот“, рече Пајан, додавајќи дека во Старото пристаниште се очекуваат до 150.000 гледачи.

Луѓето од Марсеј „имаат чувство за славење, чувство за игра, спорт и олимпизам“, рече тој, потсетувајќи дека градот бил основан од грчки колонисти пред околу 2.600 години. (АП)