Со донација реновиран одделот за предвремено родени бебиња на Детската клиника

Реновиран е одделот за предвремено родени бебиња на Универзитетската клиника за детски болести и набавена е целокупната потребна опрема и апарати. Реновирањето и набавката се извршени со средства во висина од 35 000 евра кои се донација од компанијата Макстил.

По повод донацијата денеска пред клиниката се одржа прес-конференција на која министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари за донацијата и истакна дека целиот изминат период од повеќе месеци од компанијата покажале голема општествена одговорност и ги понудиле своите капацитети и ресурси да му помогнат на еден од најспецифичните делови во јавното здравство, а тоа е Универзитетската клиника за детски болести и одделот за неонатологија.

– Тоа е одделот каде бебињата се сместуваат после раѓањето, ако нивен одреден престој и каде има услови за постинтензивно лекување, се до конечното закрепнување. Овој оддел благодарение на компанијата е целосно обновен со целосно обновена внатрешна инфраструктура, прозорци итн, посочи Филипче.

Генералниот директор на Макстил, Иван Бановски рече дека во рамки на проект извршиле комплетно реновирање на 400 м2 површина на одделот и извршиле набавка на целокупната потребна опрема и апарати. Посочи дека целта на донацијата е да ги подобрат условите во одделението.

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова се заблагодари за донацијата и потенцира дека општествената одговорност ќе ја бараат од сите други компании кои препознаваат дефинитивен партнер на Клиниката.