Со донации разубавено и опремено педијатриското одделение во Дебар


Благодарение на донации од бизнисмени од градот и дебрани од САД, педијатриското одделение во Општата болница со проширена дејност во Дебар доби изглед што го заслужува.

На овој начин атмосферата во одделението зрачи со топлина и нуди одлични услови за децата кои имаат потреба од одредна здравствена услуга или болничко лекување.

Организатор на оваа хуманитарна активност е Арбр Амбари, професор по англиски јазик во гимназијата „28 ноември“ во Дебар, кој е познат по низата хуманитарни активности што ги реализирал, поради што веќе го доби епитетот „хумантарец“.

-Големо задоволство ми е што ја реализиравме замислата, педијатскорото одделение да го добие потребниот лик.Повеќе од сигурен сум дека дечињата сега ќе се чувствуваат многу подобро,имаат подобри услови но и многу играчки, а украсени се и прозорците со слики од детскиот свет. Благодарност до донаторите кои сакаат да бидат анонимни, зашто нивна единствена желба е да помогнат,како и на сите соработници и подржувачи,изјави за МИА, Амбари.

Во реализацијата на оваа активност многу помогнале неколку ученици од гимназијата,кои се почесто чекорат по стапките на нивниот професор.

Амбари додава дека сега педијатското одделение има посебна просторија наречена „детско катче“ со сите професионални услови,телевизор, ДВД, тепих отпорен на вода, масички и столчиња, играчки за забава за децата.

-Сите прозорци ги декориравме со анимирани налепници, инсталиравме два инвертер климатизери, за сите кревети обезбедивме чаршафи, јастуци, ќебиња и специјални душеци-јоги, а извршена е декорација на просторија со специјални долгорочни квалитетни тапети, додава Амбари.

Со насмевка додава дека не ги заборавиле и оние кои се грижат за здравјето на децата, здравствениот кадар ангажиран во ова одделение. За нив се обезбедени специјални столови за да полесно да ја извршуваат својата професионална работа.

Во дебарското педијатриско одделение се лекуваат деца од општините Дебар, Центар Жупа, но и подрачјето на Река,општина Маврово и Ростуше.

Освен оваа, многу значајна донација, помош им е дадена и на лицата кои се на хемодијализа, како и други пациенти во болницата на кои им била потребна финансиска поддршка.

Од Општата болница изразуваат голем благодарност за организаторот, за донаторите и за сите кои биле вклучени во оваа хумана ативност.