Со домашната платежна картичка најмногу се трошело во маркетите


Дури 89 отсто од досега потрошените пари од страна на граѓаните врз основа на Домашната платежна картичка биле направени во маркетите, покажуваат податоците што денес ги сподели на Фејсбук министерката за финансии Нина Ангеловска. Како што наведуваа таа, до 18 јули биле издадени вкупно 276.272 картички на кои биле префрлени 24,6 милиони евра. До овој датум со картичките биле реализирани 1,25 милиони трансакции и потрошени вкупно 17,7 милиони евра. Од тоа во маркетите со овие картички биле потрошени вкупно 982 милиони денари за купување домашни производи (или речиси 16 милиони евра).

Другите десетина проценти се распределени на потрошувачката во ресторани и за храна, 4,7 отсто или 30 милиони денари, потоа за текстил, облека и обувки 2,9 отсто или 42 милиони денари, во аптеките биле потрошени 2,3 отсто од или 10,8 милиони денари и под графата „останато“ отпаѓаат 1,1 отсто.

Во подеталната табела во која се прикажани трошењата од страна на граѓаните стои дека во хотели и за туризам биле потрошени 3 милиони денари, за мебел и домаќинство 12 милиони денари, во книжарници 1,6 милиони денари и за козметика и услуги 4,4 милиони денари.

„Преку 276 илјади граѓани веќе добија и користат Домашна платежна картичка. Вкупната вредност на веќе издадените домашни платежни картички до 18.07 e 24,6 милиони евра, од кои веќе се потрошени, односно вбризгани во економијата 17,7 милиони евра преку купување македонски производи и услуги“, вели Ангеловска.

Таа наведува дека Домашнaта платежна картичка има повеќекратен бенефит за граѓаните и за економијата: ја поддржува приватната потрошувачка, ги поддржува домашните производители и услужни дејности, придонесува за раздвижување на економската активност и придонесува за безготовинско плаќање.

„Банките ќе продолжат да издаваат и доставуваат домашни платежни картички и во текот на оваа недела. Во меѓувреме се финализираат последните приговори од Министерството за образование и наука и Фонд за здравствено осигурување“, додава министерката за финансии.