Со дел од кредитот од Светска банка ќе се подигнат и опремат 16 мобилни КОВИД одделенија, вели Филипче


Заемот од Светската банка е т.н. брз заем, кој го добиле близу 100 земји во светот и е наменет за зајакнување на здравствените системи во секоја од нив. Станува збор за околу 34 милиони долари, за нив е изработен план и меѓудругото ќе се искористат за поставување на мобилните 16 мини КОВИД одделенија до сите болници, каде што е идентификувана потреба, како и за опремување со медицинска опрема на секој од овие КОВИД центри со мобилен рендген апарат, ЕХО-апарати и за соодветен број на тестови.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со заемот од СБ и додаде дека за оваа година се предвидени десет милиони долари, за кои вели дека сепак нема сите да бидат потрошени, бидејќи целата постапка доцнела.

За следната година со тие средства е предвидено опремување на неколку постојни болници, кои се соочуваат со недостиг од опрема, а во кои има услови за интензивна нега, како што се болниците во Тетово, Охрид и во Струмица.

-Ќе се обезбедат и лекови за цела 2021 година, сите лекови, кои сега ги имаме преку Студијата од СЗО, помошта од Јапонија, понатаму сите лекови коишто се даваат за овие најтешки пациенти, но и за соодветен број тестови за територијата на цела држава, а сума на пари ќе оди за поддршка за ФЗОМ и ќе се дистрибуира еднакво до сите јавно здравствени установи, појаснува министерот за здравство.

Истакна дека проект бил подготвен уште на почетокот на летото, но како што рече, тогаш не бил потпишан од заменичката-министерка за финансии.

-Тој подразбира конкретно зајакнување на системот за етаблирање на нови КОВИД-центри со опремување, понатаму зајакнување на постојните капацитети со опрема, лекови и се што значи поддршка на персоналот, секако поддршка на ФЗОМ. Останатиот дел од заемот е за МТСП, сумираше Филипче.

Тој истакна дека нема препорака во ниту една здравствена установа за правење серолошки тест, пред да се прави ПЦР тест.

– Серолошките тестови опфаќаат некој друг пристап, анализа на преваленцата на антитела во населението итн. Никако не е индикација, ниту пак ние сме дале од Министерството, ниту пак Комисијата дала таква препорака, подвлече Филипче.

Во однос на алгоритмите, кои ги користат матичните лекари за упатување за тестирање,  рече дека засега нема потреба од нивна промена и дека се соодветни за овој временски период.