Со декларација СДСМ и партнерите го отфрлија барањето за предвремени избори

Коалицијата со декларацијата го „затвори прашањето“ за предвремени избори. За францускиот предлог владата ќе се изјасни откако ќе го разгледаат членките на ЕУ


Премиерот и колаициските партнери на прес-конференцијата по завршувањето на средбата

 

Еден ден по митингот на опозицијата, коалициските партнери во владата го отфрлија барањето за одржување на превремени избори и тоа со декларација. За, на некој начин, партнерите во власта да го вообличат цврстиот став дека нема да попуштат пред барањата на опозицијата и заканите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе преземат целосна блокада на институциите. Со декларацијата владините партнери го „затворааат ова прашање“.

Оваа декларација ја усвоија партнерите во Владата на состанокот со кој претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, а беа присутни Али Ахмети, Африм Гаши и други 24 лидери во коалицијата.

Ковачевски по средбата која траеше час и половина рече дека повод за неа била реафирмација на стратешките приоритети за справување со последиците од глобалната криза.

„Граѓаните се под постојан притисок од неизвесноста која произлегува од растот на цените на енергенсите и на основните производи на светските пазари. Затоа во овој период тие очекуваат од партиите да им испорачаат стабилност на политички план, да понудат јасен концепт за справување со проблемите и целосна посветеност и одговорност во тој процес. Одговорни политички субјекти се водат исклучиво од интересите на граѓаните и во мирнодопски и во кризни околности“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека целта на декларацијата била да се даде дополнителна и цврста гаранција, но и јасна политичка посветеност за прилагодување на политиките на неопходноста од справување со негативните последици од најголемата криза после Втората светска војна.

Според коалициските партнери предвремените избори нема да ги решат овие проблеми и предизвици, туку само ќе ги продлабочат. „Затоа, го затвораме ова прашање. Следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Во наредниот период продолжуваме со одговорот на кризата, преку испорачување нов пакет антикризни мерки, системски реформи, неселективна борба против високата корупција и усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ и ОДИХР“, рече Ковачевски.

Премиерот нагласи дека на средбата ги реафирмирале позициите за евроинтеграцискиот процес дефинирани во резолуцијата усвоена во македонскиот парламент за решавање на спорот со Бугарија. „Ja реафирмиравме и нашата посветеност во почитувањето и реализирањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија како и државниот стратегиски концепт за еднакво општество за сите“, рече Ковачевски и нагласи дека коалициските партнери „целосно ги отфрлаат деструктивните политики на дел од опозицијата за блокади на институциите и ги повикуваме да ги преиспитаат и променат досегашните позиции за блокада на законодавниот дом.

Политичкиот дијалог со опозицијата треба да се одвива на конструктивно ниво, во рамки на демократски избраните институции околу прашањата од највисок национален интерес“.

Според Ковачевски, легитимно право на опозицијата е да ги користи сите демократски методи за политичка борба со власта, „меѓутоа уцените за предвремени избори и обидите за блокада на законодавната власт ги оценуваме како неразумни и во најлош можен тајминг и целосно против интересите на македонските граѓани и држава. Граѓаните во оваа владина коалиција имаат стабилен партнер кој им служи на нивните потреби“.

Потоа, одговарајќи на новинарско прашање Ковачевски рече дека „ВМРО-ДПМНЕ е единствената неодговорна опозициска партија во Европа којашто блокира закони важни за граѓаните во време на криза. Само ќе се потсетам дека законот за служење во Армијата е блокиран, законот за Буџет на државата две години е блокиран во Собранието, Законот за наставници и низа други закони. Само од името на законите гледате дека тоа се закони за одредени групи на граѓани во државата“. 

Околу најжешкото прашање во моментов – предлогот за преговарачката рамка испратен до сите членки на ЕУ, Димитар Ковачевски ја повтори изјавата од последниве денови дека нема да нема да го коментираат документот додека земјите-членки на Унијата не го усогласат меѓу себе.

„Ќе се надоврзам на изјавата што ја даде министерот за надворешни работи. Нормално дека Министерството за надворешни работи  согласно своите надлежности има увид во предлогот и најискусните дипломати и експерти во МНР прават анализи на овие предлог-документи, но нема да го коментираме и нема да биде предмет на дискусија затоа што сè уште не е предлог кој е усогласен од сите земји членки на ЕУ, вклучително и Франција која го дава предлогот. Ние го следиме развојот на настаните во собранието на Бугарија. Ако таму биде усвоен, кога ќе биде доставен до Македонија ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите во државата согласно одредбите во законското уредување“, рече Ковачевски.

На прашањето дали е прифатливо јазикот во преговарачката рамка да се декларира по пат на еднострани декларации од Македонија и Бугарија, премиерот одговори дека македонскиот јазик мора да биде чист македонски јазик во преговарачката рамка. (Н.В.)