Со дефиле и без концерти ќе се одржи Вевчанскиот карневал


Со симболична поворка, без концерти и друга организација ќе се одржи годинашниот Вевчански карневал, најави градоначалникот Сашо Јанкоски.

Откажувањето на фестивалскиот дел, според него, е со цел да се спречи масовно собирање на луѓето поради ширење на пандемијата со Ковид 19, нагласувајќи дека Василичарските поворки ги организираат двете друштва, Горно и Долно маало.

– Општина Вевчани се откажува од организирање концертите на 12 и 13 јануари за да се спречи масовно собирање поради пандемијатата со Ковид-19. Но, ниту некогаш се мешала, ниту има право да се меша, а најмалку да ја одлага Свети Василија. Организацијата на поворките со Василичари е на Василичарските друштва Горно и Долно мало и тоа е нивно право, но и обврска, изјави Јанкоски.

Тој нагласи дека Општината нема право да се меша во тоа дали ќе има поворки на Василичарските друштва, апелирајќи да нема групно собирање и посети на домовите, како и запазување на мерките за заштита од Ковид 19.

Вевчанскиот карневал е со традиција од околу 15 века. Карактеристичен е по тоа што вевчанци преку целата година ги подготвуваат маските, кои го отсликуваат секојдневното живеење, со посебен акцент на политичката сцена, како во земјава, така и во светот.

Покрај карневалското дефиле, изминатите години се организираа концерти со познати музички имиња, изложби и други културни настани, со цел поголема посетеност на настанот.