Со цистерни ќе се снабдуваат штипските населби кои немаат вода


Штипските населби кои веќе втор ден немаат вода за пиење поради изведба на нова водоводна линија, денеска со вода ќе се снабдуваат од цистерни на ЈП „Исар“-Штип.

Во соопштението кое денеска го објави ЈП „Исар“  ги известува граѓаните дека на неколку локации во градот ќе бидат поставени цистерни со вода.

– Во периодот од 10:15 часот до 10:45 цистерна со вода ќе биде поставена кај Паркот на Фармација, од 11:00 до 11:30 часот кај Елкос, од 12:00 до 12:30 часот во Пребег и од 12:45 до 13:15 часот во Ново Село. Поставувањето на цистерни со вода е со цел да им се обезбеди вода на граѓаните се до целосно нормализирање на водоснабдувањето во градот, се вели во соопштението на ЈП „Исар“-Штип.

Директорот на ЈП „Исар“-Штип Кирил Зајков се извинува на граѓаните кои немаат вода за пиење поради пролонгираните градежните активности на терен. Во текот на денот ќе информира за состојбата и кога поголем дел од населбите ќе добијат вода за пиење.