Со бои нападната зградата на грчкиот Парламент

Непознати лица со црвена и црна боја и пиротехнички материјал ја нападнаа зградата на грчкиот Парламент.

Според првичните информации, инцидентот се случил 15-тина минути по 14 часот по локално време, кога групата лица преку скалите над споменикот на Незнајниот јунак успеале да стигнат до дворот на Парламентот и да фрлат бои врз објектот.

Не е исклучено зад нападот да стои некоја анархистичка група или „Рубикон“, а инцидентот да е уште еден од низата акции во знак на солидарност и поддршка со еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, Димитрис Куфодинас.

Грчкиот Парламент се наоѓа на плоштадот Синтагма во строгиот центар на Атина и важи за еден од најдобро обезбедуваните објекти.