Со „бе-ем-ве“ удрил во бетонски ѕид, друг прегазил пешак


Фото: Б. Грданоски

Во билтенот на МВР регистрирани се две сообраќајни незгоди што се случиле во средата при што во едната повреден е возачот, а во другата пешак.

Околу 18 часот во средата било пријавено дека на автопатот „Мајка Тереза“ на мостот над локалниот пат кој ги поврзува село Бојане со село Ласкарци, патничко моторно возило “БМВ“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од Н.И.(45) од Гостивар, излетало надвор од коловозот и удрило во бетонски ѕид од мост. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот, по што бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа на СВР Скопје.

Истиот ден утрото околу 6.30 часот било пријавено дека на кванташки пазар во Струмица патничко моторно возило „мазда 3“ со гевгелиски регистерски ознаки, управувано од К.Н.(45) од село Миравци-гевгелиско, удрило во пешак В.Џ.(57) од село Стојаково. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил пешакот, по што бил пренесен во Медицинскиот центар Струмица за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа на СВР Струмица.