Со аудио снимка Милошоски го обвини Заев дека се мешал во судски одлуки

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во партиското седиште денес објави прислушуван материјал во кој се слуша гласот на Зоран Заев каде тој, наводно, се меша во одлуки на судската власт. Милошоски соопшти дека материјалот го добил од укажувач заедно со пропратно писмо, во кое се вели дека доставената снимка била „сериозна индиција за кривична одговорност по основ на мешањето на извршната власт во работата и одлучувањето на судската власт“.

На снимката, која нема континуиран тек, затоа што се состои од повеќе слепени делови, каде што некои реченици почнуваат но и не завршуваат, се слуша гласот на Заев.

Тој вели дека од снимката се слуша како Заев бил во дослух со поранешната обвинителка Јанева за сите нејзини одлуки. Како што додаде Милошоски, Заев не само што бил премиер, туку бил и врховен судија и специјален јавен обвинител.

„Заев како премиер во присуство на други лица дава експлицитно јавен исказ дека договарал одлуки со Врховниот суд, што е мешање во судската власт и флагрантно кршење на законите. Бил во тесна врска со Катица Јанева. Јасно се гледа зошто му се брзаше на нелегален начин да се донесе законот за јавно обвинителство“, рече Милошоски.

Според него, по ваков материјал Заев треба да биде приведен или викнат на распит.